Нашиот годинашен евровизиски претставник, Васил Гарванлиев, со песната „Ѓердан“ победи во една од категориите на интернационалниот фестивал „Ворлд фолк вижн 2020“ (World Folk Vision 2020), тукушто објави асоцијацијата „Глобал калчр инишијатив“ (Global Culture Initiative).
На овој глобален фестивал учествуваа над 4.000 реномирани уметници од пет континенти, а гласањето траеше еден месец. Во одлуката за најдобрите беше вклучено 44-члено професионално жири од повеќе земји од светот. Организаторите известија дека над 26 милиони гласачи од 150 земји одлучиле за победниците во три категории: инструменти, глас и танц кои оваа година поради новонастанатата ситуација со ковид-19 се одвиваше онлајн на нивната онлајн платформа.
– Само што ја слушнав убавата вест и сѐ уште не ми се верува дека тоа е вистина. Чест ми е што ја претставувам Македонија на ваков светски реномиран фестивал, и особено сум среќен што одлучивме токму со „Ѓердан“ да учествувам – песната која ја посветив на нашата тактовина и која ме врати назад во моето родно место. Оваа награда ја посветувам на сите тие што веруваа во мене, на мојата земја и на сите уметници кои творат и не се откажуваат од својот сон дури и во вакво време – вели Васил Гарванлиев.
„Ѓердан“ беше објавена во септември 2018 година, музиката е на Саша Драгиќ, текстот на Весна Малинова, а аранжман на Диран Тавитијан.
Ова е историски момент за македонската музичка сцена и прва голема победа на Васил на интернационално ниво. Тој ќе настапи на гранд финалето што ќе се одржи од први до седми ноември оваа година во Катар.