Џим Брајденстајн (лево) и Илон Маск

Кварц

Ноќта пред Илон Маск да ги претстави најновите планови за „Старшип“, шефот на НАСА Џим Брајденстајн му ги помати сметките во објава на Твитер. Поранешниот конгресмен на Оклахома на 27 септември напиша дека „едвај го чека соопштението на „Спејс Екс“. Во меѓувреме, програмата за комерцијални летови доцнела неколку години. НАСА очекувала ист ентузијазам за инвестициите на американските даночни обврзници. Крајно време било да се исполнат ветувањата“.

Брајденстајн е во право што коментира дека доцни планот на НАСА за да ангажира приватни компании и да испрати астронаути на Меѓународната вселенска станица (ИСС) како дел од програмата за комерцијални летови. Главниот инспектор на НАСА обвини дека две години доцнат поради почетните недостатоци во финансирањето.
Пошокантно за набљудувачите на вселенската програма е одлуката на Брајденстајн јавно да го предизвика главниот извршен директор на подизведувач за НАСА пред голем настан. „Боинг“, другата компанија која конструира вселенско летало за програмата за комерцијални летови, исто така доцни на тој проект, како и на ракетата СЛС за НАСА. Брајденстајн никогаш јавно не го провоцираше извршниот директор на „Боинг“, Денис Мјуленбург.

На прашањето дали Брајденстајн може да појасни во што е проблемот со доцнењето на „Спејс Екс“ или какви проблеми треба да се решат, портпаролот на НАСА не сакаше понатаму да коментира.

На прашањето за коментарот на Брајденстајн, Илон Маск за ракетата и за вселенското летало за комерцијален лет вчера изјави дека „од гледна точка на ’Спејс Екс’, нивните ресурси генерално се насочени кон ’Фалкон’ и ’Драгон’. Многу мал удел е резервиран за ’Старшип’, односно помалку од пет отсто од компанијата. Најтешкиот дел што бара многу ресурси е нешто да се оптимизира и да се стави во производство. Најголемиот дел од нивните ресурси се за ’Драгон’“ и за ’Фалкон’, особено на комерцијалниот ’Фалкон’“.

Покрај успешниот пробен лет до Меѓународната вселенска станица во февруари, „Спејс Екс“ се најде под лупа откако ракетата „Драгон“ се уништи за време на еден отворен тест во април. Во јуни, НАСА и „Спејс Екс“ изјавија дека го откриле и речиси го решиле проблемот. Тие продолжија со работењето, а на 18 септември беа направени пробни тестирања за итни процедури.

Некои во НАСА, кои немаат дозвола јавно да зборуваат, се прашуваат на што точно Маск е насочен. Главниот дизајнер на „Спејс Екс“ објави на Твитер, во август, дека на „Старшип“ работи седум дена во неделата, а во текот на проблематичната 2018 година за Тесла, дури спиел на подот во фабриката.

Но други вработени во НАСА изјавија дека се разочарале оти „Спејс Екс“, кој игра значајна улога во поместувањето на вселенските граници во 21-от век, се издвојува меѓу одложените проекти.

Барем дел од доцнењето на програмата за комерцијални летови се должи на темпото во надгледувањето на резултатите од тестирањата на НАСА за да се потврди дека леталото ги исполнува стандардите. Во јули, Брајденстајн го отпушти шефот на одделот за човечки истражувања, Бил Герстенмајер, поради доцнење на ракетата СЛС на „Боинг“. Брајденстајн сè уште бара замена за него, кој беше еден од најдобрите владини директори што ја надгледуваа програмата за комерцијални летови.

„Боинг“ сè уште треба да изврши пробни летови и да го тестира системот за безбедно одложување на летот. На „Спејс Екс“ му преостанува само тестот за откажување на летот. НАСА сè уште не најави датуми за кој било од овие важни чекори или пак, причините за нивно одложување.

По тест-летот во февруари, Маск и Брајденстајн секогаш заедно се појавуваа на прес-конференциите. Без нови информации околу програмата за комерцијални летови, тешко е да се открие што е вистинската причина за несогласувањата.

Една причина можеби се напорите на Брајденстајн да добие политичка поддршка за планот на администрацијата на Трамп да испрати повторно луѓе на Месечината во 2024 година. Со тоа што Конгресот се двоуми околу финансирањето на мисијата „Артемида“ и тоа што „Боинг“ го искористува своето влијание во Вашингтон, промените во „Спејс Екс“ можат да претставуваат потег за придобивање на поддршка.

Автор: Тим Фернхолц

Превод: Билјана Здравковска