За милиони луѓе низ целиот свет кафето наутро, веднаш по станувањето, игра значајна улога, но што ќе се случи ако се прескокне редовната доза кофеин, кои се физичките и психолошките последици и колку долго трае просечното „одвикнување“?
Кафето е утрински ритуал за многумина, но ако се пропушти може да се почувствуваат вртоглавица, збунетост, па дури и ризик од главоболка. Постои добра причина за ова: кофеинот создава некои сигурни физички промени во нашето тело од кои лесно можеме да станеме зависни. Со првата голтка, кофеинот влегува во нашиот крвоток и го започнува своето патување до мозокот каде што го блокира инхибиторниот невротрансмитер наречен аденозин, пишува „Ридерс дајџест“.
Ги ослободува хормоните што прават да се чувствуваме добро, како допамин и серотонин, предизвикувајќи стимуланс. Времето што е потребно за да се намали кофеинот во организмот за 50 проценти – во просек е околу пет часа. Ова објаснува зошто просечното внесување има долгорочен ефект.
Но колку брзо кофеинот го напушта вашиот систем зависи од голем број работи, вклучувајќи ги возраста, здравствената состојба, консумирањето лекови и животните навики (како пушењето). Затоа не е изненадувачки што ако не го испиете утринското кафе, вие не само што ќе страдате од рутински промени туку и од хемиски.
Како што ќе ви каже секој што го исфрлил кофеинот од употреба – промените се многу забележителни. Поради укинување на стимулансот на метаболизмот, веројатно ќе се чувствувате слаби, уморни и бавни. Истражувачите откриле дека колку повеќе кофеин консумирате, толку се посериозни симптомите на одвикнување. Покрај тоа, апстиненција се забележува дури и со консумирање мали количества, како што е една чаша наутро. Докторката Шери Рос објаснува дека симптомите на недостиг од кофеин се видливи по 12-24 часа од последното внесување.
– Кофеинот е стимулативна дрога на која лесно може да се навлечете, а повеќето луѓе не се свесни за длабочината на таа зависност – истакнува таа.
Кофеинот секако е непријател на спиењето, додека неговите сојузници се студот, недостигот од екрани и намалениот стрес. Дали е добро пиењето кафе или не, зависи од секој поединец. Секако, оние што немаат проблеми со спиењето, ниту ги чувствуваат лошите ефекти на кофеинот, не треба да се откажуваат од кафето, но нема никаква штета во обидот да престанат да внесуваат кофеин, барем во периодот од седум дена за да видат како би реагирал нивниот организам.