Повторното навраќање на случајот со Оскар Писториус може да отвори поголеми прашања за домашното насилство или убиството на ретко споменуваната девојка на Писториус. Напротив, станува збор за погрешна, сервилна хагиографија

Авторка: Луси Манган

Гардијан

Минатиот месец „Би-би-си“ предизвика негодување кога објави двеминутна најава за документарната серија во четири продолженија во која се зборува за „меѓународниот херој кој инспирираше милиони“ и кој „одеднаш се најде во центарот на истрага за убиство“, без ниту еднаш да се спомне името на Рива Стинкамп, жената која Писториус ја уби. Ако не сте запознаени со приказната, тогаш првиот впечаток за новата документарна серија ќе ви биде дека гледате преиспитување на истрага за убиство која тргнала во погрешна насока и исправање на сериозна грешка во правниот систем. „Би-би-си“ потоа се извини и ја измени рекламата со нешто што тие сметаа дека е попретставително за тонот на документарната серија. Но не требаше да прават корекции. Тоа беше претенциозна најава за претенциозен документарец на режисерот Даниел Гордон, кој во едно од интервјуата во серијата, вели дека „сè уште се двоуми“ за вината на Писториус.

Во повеќе од пет часа и 40 минути материјал добиваме поглед во исцрпното детство на Писториус, неговата медицинска историја дека е роден со фибуларна хемимија поради која неговите стапала биле ампутирани на 11-месечна возраст за да му се подобри целокупното движење, потоа неговото образование, смртта на неговата мајка кога имал 16 години, тренирањето и неверојатните спортски постигнувања. Исто така прикажана е огромната гордост на Јужна Африка за „златното дете“ додека освојува медали во спринт во светот, бележи успеси на Параолимпијадите и се бори за учество на Летните олимписки игри. Тонот на овие делови е хагиографски што значи дека други делови, односно помрачните и понепријатни делови, се прикажани со еден вид на чудна тага. Сепак, филмот го поставува прашањето, дали може да исчезне сета оваа слава?

Рива Стинкамп и Оскар Писториус

Она што можеше да се смета за преиспитување на културната конвергенција која ја прави Јужна Африка една од најопасните места за живеење на жените, каде што на секои осум часа една жена станува жртва на својот партнер, сега се прикажува како случај на нечија туѓа лоша среќа. Судскиот процес, вклучувајќи го и неверојатното пропаѓање на сведоштвото на Писториус во испрашувањето, проследено со пресудата за убиство без умисла, што подоцна беше променета во убиство, а казната беше двојно зголемена и покрај жалбата, е сведен во последните 30-тина минути од документарната серија.

Секако, оваа документарна серија не би можела да биде поширок приказ на домашното насилство без да ја наруши идејата од која зависи феноменот на Писториус и неговата привлечност за режисерите од одреден вид, а идејата е дека тој е посебен. Но Писториус е резултат на општеството кое ги третира жените како второкласни граѓани, кое им дозволува на мажите да се извлечат од повеќето ужасни работи што им ги прават, кои им вели на мажите дека парите, талентот и успехот ќе им овозможат поголема слобода да прават што сакаат кому сакаат. Тој не е посебен. Рива Стинкамп беше името на 29-годишната жена која тој ја уби, но многу малку се споменува дека беше дипломиран правник, манекенка, ќерка на Џун и Бери, која го скрши ’рбетниот столб во јавачка несреќа како дете и научи како повторно да оди.

Превод: Билјана Здравковска