Поради воведените мерки за борба против епидемијата на коронавирусот, времето поминато на социјалните мрежи значително се зголеми. Благодарение на интернетот, секојдневно можеме да комуницираме со други луѓе, а вишокот време ни овозможува да се посветиме на пребарувања на Гугл за темите што најмногу нè интересираат.
Сепак, со оглед на тоа дека на жените им се недостапни услугите на фризерите, козметичарите и разните третмани за убавина, новите истражувања на порталот „Флолес“ покажуваат за што најмногу се заинтересирани жените во време на изолација.
Најчестите пребарувања на Гугл се поврзани со негата на коса, лице и шминка, но и со активностите на славните личности.
Кога станува збор за косата, најмногу пребарувања биле за тоа колку често е потребно да ја миете косата, начини за тоа како да ја навиткате косата со помош на преса, совети за побрз раст, но и како сами да ја скратите косата.
Терминот шминка забележува најголем раст и бил пребаран 135.000 пати во текот на еден месец. Истражувањата, исто така, покажале дека жените се најмногу заинтересирани како да ги исчистат четките и како лицето да им изгледа убаво без шминка.
Потоа следуваат и пребарувањата за нега на нокти, а темата за која имало најмногу заинтересирани била како да се отстрани лак-гелот од ноктите.
Покрај тоа, и животите на славните личности не биле запоставени, дури и во време на изолација. Жените најмногу се интересирале за активностите на Ким Кардашијан, Кајли Џенер и на Аријана Гранде.