Синопсисот на филмот опишува едно семејство што живее од ситни кражби и под својата закрила зема девојка што е оставена на студот, но „Шоплифтерс“ е многу повеќе од тоа
Јапонскиот филм „Шоплифтерс“ беше еден од номинираните за „оскар“ за најдобар странски филм. Жанровски е крими-драма. Како режисер и сценарист на филмот се потпишува Хирокаду Корееда. А улогите ги играат: Лили Френки, Сакура Андо, Мају Мацуока, Џио Каири, Мију Сасаки, Кирин Кики. Синопсисот на филмот опишува едно семејство што живее од ситни кражби и под својата закрила зема девојка оставена на студот.
Ова е филм што помина беспрекорно кај критичарите. На „Ротен томатоус“ има 99 позитивни рецензии, на „Метакритик“ има висока оцена од 93, додека на ИМДБ исто така добро котира со 8,1, што значи дека и публиката се согласува со оцените на критичарите.
Ова не е филм што се гледа по принципот пушти и опушти се. И најверојатно на љубителите на акционите филмови и на блокбастерите ќе им биде здодевен. Навистина филмот малку е бавен и воведот изгледа како да трае еден час, но откако ќе се расплете фабулата станува интересно и јасно дека во прашање е многу комплексна проблематика, која е поделена на секој од главните ликови. И заплетканата проблематика во секоја сцена полека се отплетува.
Во почетокот се запознаваме со какви кражби се занимава семејството, а главни во тоа се Осама и неговиот син Шота. Тие се водат по кодексот дека не е проблем да се украде она што не е купено, затоа што тоа никому не му припаѓа. Меѓутоа животот ќе им се промени кога ќе ја пронајдат девојката Јури за која никој не се грижи, и која почнува да живее со семејството на Осама и добива нов идентитет – Лин. Подоцна и таа станува дел од кражбите.
Како што тече филмот се забележува дека ова семејство не е составено само од ситни крадци, туку се прават всушност и потешки криминални дела. Дури се открива дека семејството е поврзано и со убиство. По мирните час и 15 минути, следуваат бурни 45 минути, кои влегуваат од шок во шок. Неверојатно е како сето тоа режисерот Корееда умешно го прикрива. И така спонтано и жестоко влегува во еден тажен и неочекуван крај.
Во овој филм нема никаква музичка подлога, целиот фокус се става на истражувањето и откривањето на ликовите и приказната. Режијата е одлично сработена, а и сценариото е концизно, секоја сцена, дури и онаа што се чини дека е неважна, игра голема улога во целиот филм.
Главните ликови, Осама, Шота и Јури, одлично ги интерпретираат своите улоги. Одлично се одглумени и најситните чувства што еден лик може да ги искаже.
Инаку кога станува збор за крајот, кој е навистина исцрпувачки, критичарите велат дека пораката што ја праќа филмот е „не може сѐ во животот да заврши како што очекуваме“. И категорично сите се согласуваат дека „Шоплифтерс“ дефинитивно во иднина ќе се споменува, особено кога ќе стане збор за наслови од неамериканско потекло. Иако не може да се рече дека е најдобар јапонски филм, сепак има нешто што привлекува. Филмот сака да истакне дека ништо во животот не е црно-бело.
– Доколку се одлучите на овој филм да му дадете шанса, заборавете на оној принцип ако не ми го задржи вниманието првиот половина час, го гасам. Можеби за многумина тоа е мана, но потребно е време за овој филм да се доживее и види во целост. Најдоброто е зачувано за крај – велат критичарите.