Замокот Данотар во Шкотска кој се наоѓа на остра карпа над Северното Море отворен е за туристи, но од 16-от век таму никој не ноќевал. Според проект-планот за кој ќе дебатира шкотската влада, Данотар би можел да стане еден од многуте шкотски замоци кои ќе се трансформираат во луксузни, но достапни хотели, објавува „Гардијан“.
Проект-планот е сличен на шпанскиот модел „Парадорес“ според кој историски значајни објекти со кои управува државата, како што се замоци, цркви и други градби, во области кои не се туристички развиени, се трансформираат во туристички препознатливи дестинации. Моделот „Парадорес“ почнал да се применува уште во 1928 година и денес во Шпанија има повеќе од 100 такви места, на кои се наоѓаат замоци, тврдини, цркви, манастири, па дури и поранешни затвори и болници. Преку нив во 2019 година шпанската државата оствари приход од 261 милион евра.
– Размислувавме кои се потребите на рурална Шкотска и што би можело да го помогне туризмот, и да внесе пари во локалната економија. Фасцинантна е идејата да претвориме дел од нашите историски објекти, како што се манастири, замоци и руини, во луксузни хотели – вели Фергус Мач, шефот на Шкотската национална партија за областа Абердиншаер, каде што има повеќе замоци на квадратен километар од кој било друг регион во Велика Британија.
Од Шкотската асоцијација на замоци известуваат дека сите предлози се добредојдени и оти ќе ги разгледуват поединечно.