Своите настапи на големата прослава на 20-годишнината на фестивалот „Егзит“ ги потврдија некои од клучните актери на светската електронска и трап-сцена, од кои премиерно пристигнуваат Шек Вес, Хани Дижон и Пол ван Дајк, а покрај нив и Пол Калкбренер, Нина Кравиц, како и Соломун, кој ексклузивно за јубилејот на „Егзит“ гостува со свој специјален четиричасовен сет. На Петроварадинската тврдина тие ќе се придружат кон долгиот список со веќе објавените светски и регионални суперѕвезди како што се Тајга, Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Ерик Приц б2б Фоур Тет, Борис Брејча, Сепултура, Метрономи, Марки Рамон, Лајбах и уште многу други.
Централниот настан на обележувањето две децении на фестивалот ќе се одржи, во неговиот познат полн формат, од 8 до 11 јули, со импресивна програма, која ги повикува дури 82 отсто од обожавателите да ја покажат приврзаноста кон „Егзит“, зачувувајќи ја својата влезница од 2020 за следното лето.
За првпат на „Егзит“ ќе настапи младиот рапер од Њујорк Шек Вес, чија нумера „Mo Bamba“ важи за еден од најголемите хипхоп-хитови во последните неколку години. Премиерно на прославата за 20-годишнината на фестивалот ќе настапи и Хани Дижон, родена и порасната во Чикаго, домот на хаус-музиката, кој е длабоко вкоренет во нејзиниот музички стил. И Пол ван Дајк првпат пристигнува на „Егзит“.
Овој повеќекратен добитник на наградите за најдобар диџеј во светот и освојувач на награди „греми“, ќе настапи следниот јули во живо на тврдината, а во таа пригода ќе го претстави својот нов албум насловен „Guiding Light“. Покрај нив, во Нови Сад со свој настап се враќаат една од миленичките на локалната публика, техно-кралицата Нина Кравиц, и еден од најбараните светски продуценти Пол Калкбренер, како и Соломун.