Специјалното стендап-шоу „Поблиску“ на познатиот комичар Дејв Шапел, кое премиерно беше прикажано минатата недела на „Нетфликс“, го соочи стриминг-гигантот со бројни критики од трансродовите лица, како и со незадоволство на дел од вработените. Но, „Нетфликс“ застана на страната на Шапел, и покрај незгодната ситуација во која се најде.
Шапел во неговиот настап зборува дека постојат само два рода и дека родот е факт. Тој исто така откри дека се соочил со критики поради шегите за трансродовите лица меѓу кои и за Кејтлин Џенер, како и поради потсмевот на „културата на укинување“ поврзана со случајот на писателката Џ.К. Роулинг. Шапел го споменува и неговото пријателство со Дафне Дорман, трансродовата жена и комичар која се самоуби во 2019 година.
Тед Сарандос, заменик на извршниот директор на „Нетфликс“, застана во одбрана на Шапел и ги информираше вработените дека стриминг-платформата нема да го тргне шоуто.
– Неколкумина од вас прашуваат каде ја повлекуваме границата за омраза. Ние не дозволуваме наслови на „Нетфликс“ кои се дизајнирани да поттикнуваат омраза или насилство и не веруваме дека стендапот на Шапел ја преминува таа граница. Иако е тешко да се направи разлика помеѓу шегите и навредите, особено со стендап-комедијата, сепак таа постои за да ги помести тие граници – наведува Сарандос, како објаснување во мејлот испратен до вработените во „Нетфликс“, од кои дел изразија незадоволство.
Поради шегите на Шапел насочени кон трансродовата заедница, трансродови и ЛГБТ-лица вработени во „Нетфликс“ планираат здружен бојкот на работните обврски во знак на протест, на 20 октомври. Најавата за протестот уследи откако „Нетфликс“ ја суспендираше Тaра Филд, трансродово лице вработено во компанијата, заедно уште со тројца други вработени кои се изјасниле како припадници на ЛГБТ-заедницата. Тие биле суспендирани поради обидот да присуствуваат на состанок на кој не биле поканети. Претходно, Филд го критикуваше настапот на Шапел на Твитер. Таа, сепак, во меѓувреме соопшти дека повеќе не е суспендирана, а суспензијата им е укината и на останатите вработени.
– „Нетфликс“ ме врати на работа откако откри дека немавме лоша намера со нашето присуство на состанокот – напиша Филд на Твитер.
Во „Поблиску“, Шапел нагласи дека токму со овој настап, тој последен пат јавно ќе дава коментари за трансродовите лица или за какви било прашања поврзани со таа тема.