Кинеската компанија „Шаоми“ (Xiaomi), која е еден од петте топ играчи на пазарот за паметни телефони, планира да создада нов глобален бренд.
Покрај тоа, според некои кинески извори, новиот бренд целосно може да го замени брендот „Шаоми“ кај паметните телефони.
Кинескиот производител, кој минатата недела излезе на берзата во Хонг Конг, ја регистрирал во САД трговската марка „Покофон“. Се претпоставува дека компанијата ќе ги продава под овој бренд своите уреди наменети за глобалниот пазар.
Повеќето експерти на пазарот очекуваат „Шаоми“ да продолжи да продава смартфони и со својот бренд, но има и такви мислења, според кои, компанијата ќе се посвети целосно на новата марка.
Пореални очекувања се дека само премиум уредите „Шаоми“ ќе бидат продавани под името „Покофон“.
Во меѓувреме, компанијата регистрираше смартфон со новиот бренд за пазарот во САД, моделот „Шаоми Покофон“ со 6,21-инчен екран и двојна главна камера.