Научниците открија „чудовиште од црна дупка“, која е толку масивна што во теорија не би требало да постои, пишува Си-ен-ен.
Станува збора за sвездена црна дупка – тип што се формира откако ѕвездите умираат, распаѓаат и експлодираат. Истражувачите претходно верувале дека максималната големина не може да надмине димензии поголеми 20 пати во однос на масата на Сонцето, затоа што додека овие sвезди умираат, тие го губат поголемиот дел од својата маса преку експлозии што исфрлаат дел од материјата и гасови.
Оваа теорија сега е соборена од ЛБ-1, новооткриената црна дупка. Оддалечена речиси 15.000 светлосни години, нејзината маса е 70 пати поголема од Сонцето, се вели во соопштението од Кинеската академија на науките.
– Црни дупки со толкава маса не ни треба да постојат во нашата галаксија, според повеќето тековни модели на sвездена еволуција. ЛБ-1 е двојно помасивна од она што го сметавме за можно. Сега теоретичарите ќе треба да одговорат на предизвикот да го објаснат нејзиното формирање – рече Лиу Џифенг, шеф на тимот што го направи откритието.
Научниците се трудат да откријат како ЛБ-1 достигнала толкава големина, за што кинескиот тим изнесе неколку теории.
Огромните димензии на ЛБ-1 укажуваат на тоа дека црната дупка не била формирана од распаѓањето на само една ѕвезда. Дури постои веројатност дека станува збор за две помали црни дупки кои меѓусебно орбитираат, се вели во студијата.
Друга можност е дека таа се формира од „вратена супернова“. Тоа се случува кога супернова – последната фаза од експлодирачка ѕвезда – исфрла материјал за време на експлозијата, кој потоа се враќа во суперновата, создавајќи црна дупка.
Оваа формација на поврат е теоретски можна, но научниците никогаш не биле во можност истата да ја докажат или набудуваат. Ако ЛБ-1 била формирана на ваков начин, тогаш за првпат можеме да имаме „директен доказ за овој процес“, се вели во студијата.