Најупотребуваниот збор во празничните денови
Сите целат да бидат обезбедени со материјални добра, но во таа трка по материјалното, не треба ли малку да застанеме и да видиме дека среќата е во нас,
а не во предметите. Токму овие новогодишни, а пред сѐ божиќни празници ни го покажуваат тоа
Среќата е најчесто употребуваниот збор во овие празнични денови. Го има во честитките што си ги упатуваме едни на други, честитајќи си Нова година, Божиќ, разни слави, имендени, родендени… Иако лесно го изговараме овој збор, колку ни е сепак важно дали оној кому му го упатуваме е навистина среќен, колку всушност знаеме да ја препознаеме среќата ако е тука до нас и дали умееме тоа убаво чувство, по кое сите копнееме, да им го пренесеме на другите?
Според психологот Елизабета Ивановиќ, секој ден треба да се трудиме да бидеме среќни, а не само во текот на празниците.
– Тажно е што и во овие празнични денови забораваме дека треба сите заедно да ги славиме и да им се радуваме, да другаруваме, да споделуваме, зашто само тогаш ќе бидеме среќни. А да си среќен не значи само да си кажеш дека си среќен, туку да почувствуваш длабоко во себе светлина, добрина, надеж… Во денешниот брз начин на живот, што се одликува со комуникација преку паметни апарати и преку социјалните мрежи, среќата се чини тешко достижна. Сите целат да бидат обезбедени со материјални добра, но во таа трка по материјалното, не треба ли малку да застанеме и да видиме дека среќата е во нас, а не во предметите. Токму овие новогодишни, а пред сѐ божиќни празници ни го покажуваат тоа. Треба да го почувствуваме она што сите нѐ движи, а тоа е надежта, која им дава посебен дух и шарм на овие денови. Тоа чувство нѐ исполнува и нѐ враќа кон вистинските вредности: почит, љубов кон семејството, кон пријателите – посочува Ивановиќ.
За Теодора Арсениевска, апсолвентка на Филозофскиот факултет на Институтот по психологија, кај нас сѐ уште луѓето не сакаат да зборуваат за своите чувства.
– Во нашата култура е табу-тема да се разговара за личните проблеми, па до негде и среќата е автоматизирана. Секогаш сме „добро“ и не сакаме никого да оптоваруваме со нашите тешкотии. А за да бидам среќна, јас верувам дека треба да работам на тоа.
Да работам на мојот личен развој, на односите со моите блиски луѓе (семејство, пријатели, врска), на моите професионални обврски и сето она што го сочинува мојот животен пат и сум му посветила голема љубов. Тешко е да се најде целта во животот, но и самото барање и потрага водат кон среќа и исполнетост. Тоа, пак, кон леснотијата при секојдневното функционирање, што е знак на среќа. Здравиот живот и организираноста исто така. Самата таа мотивација може да се пренесе доколку доволно зрачи од нас. Среќата е широк поим и сите различно размислуваме за неа, па затоа и не може некој да советува некого како да ја пронајде својата среќа. Може само да помогне, да насочи и сподели, па оттука би можела да се создаде некоја основа на која ќе се гради среќата – вели Арсениевска.
Марина Анчевска, меѓународно акредитирана НЛП-тренерка, јога-учителка и авторка на книгата „Едноставно јас“, се прашува среќа – однатре или однадвор.
– Колку често во животот сте нашле детелинка со четири ливчиња? Дали сѐ уште ви се случува да се наведнете и да побарате или одамна се откажавте? Сите знаеме за верувањето дека да се најде детелинка со четири ливчиња – носи среќа. Најважното во ова верување за мене се зборовите „да се најде“ и „носи“. Дали за да почувствуваме среќа треба прво да ја побараме, па да ја најдеме? Сите ние мечтаеме кон некаков баланс и секако дека не е секогаш лесно и едноставно да го одржиме. Бидејќи минатото е секогаш присутно во иднината, ние живееме напред, меѓутоа разбираме наназад. Затоа е важно да се погледнете себеси од една поширока перспектива. Но за да се разберете самите, најпрво, откријте ги четирите полиња што ја градат целината: менталното поле, полето на телото, полето на енергијата и полето на душата. Сите четири полиња преку кои свесно или несвесно дејствуваме, доживуваме, чувствуваме и комуницираме креираат детелинка со четири ливчиња. Откријте што е тоа што треба да го направите и од кое поле може да почнете. Дали надворешните тригери, околината, луѓето предизвикуваат дисбаланс во вашата детелинка на среќа или, пак, тригерот доаѓа однатре? Меѓутоа чувството на среќа нема никакво значење доколку нема со кого да го споделите. Животот добива друга смисла само доколку успеете вашата среќа и лична исполнетост да ја поттикнат среќата и кај другите луѓе во вашата околина. Ние не можеме да опстанеме сами. Потребни ни се другите луѓе за да бидеме хумани – објаснува Анчевска.
За Кристина Арнаудова, пејачка и иницијаторка на проектот „Среќа“, кој изминатите неколку години усреќи многу припадници на ранливите категории граѓани во Македонија, среќата е животен став.
– Зборот среќа најчесто го употребуваме без да размислиме што точно значи и како да помогнеме таа да му стане некому реалност. Оние што ја имаат, ретко знаат да ја ценат, а често и не ја препознаваат. Најмногу знаат да ја покажат и препознаат децата, бидејќи само тие вистински знаат да се радуваат. Среќата е субјективно чувство и тешко е генерално да зборуваме за неа. За мене таа е однос и став кон животот. Да те радуваат мали убави нешта, што си здрав и имаш покрив над главата, што да јадеш. Не размислуваме често за ова, но знаете ли за колку многу луѓе тоа е среќа? Среќата се создава само преку благодарноста. Ако сме свесни за сѐ што имаме и сме благодарни за тоа, тоа веднаш ќе нѐ направи среќни. Јас секојдневно го правам тоа што мене ме прави најсреќна, а тоа е да ги правам децата среќни, и тоа токму оние кај кои таа основна среќа не е секојдневие и е можеби непостојна. Секој треба да си го најде она што го прави среќен и да го живее тоа секој ден. Јас од срце им го посакувам тоа на сите како, ете, моја новогодишна желба за сите луѓе – вели Арнаудова.
И според Гордана Момировска, претседателка на НВО „Различни а еднакви“ и прв човек на театарскиот фестивал „Игри без маски – театар без дискриминација“, среќата се умножува само кога се споделува.
– За да си среќен, треба да сакаш да бидеш среќен. Нашиот начин на живот има вредност само ако придонесува за вредноста и на други животи. Секојдневно треба да им се радуваме на најблиските и на пријателите, да сочувствуваме, да споделуваме и да љубиме, да шириме насмевка, да шириме среќа. Тоа повеќе од што било друго придонесува за здрав и среќен живот, а ние го имаме бесплатно. Сето тоа по што трагаме, го имаме во нас постојано, само треба да го забавиме темпото и самото ќе ни се покаже. Тогаш ќе можеме и да го почувствуваме и да уживаме во него, оти вака како што сме тргнале, гледам откривме сѐ во животот, само не како треба да живееме за да бидеме среќни – вели Момировска.