Заработка од кино-благајните на најновото филмско остварување во кое е претставен познатиот негативец Џокер (го глумеше Хоакин Феникс) надмина милијарда долари, со што тој стана најпрофитабилниот лик од стриповите на филмските платна.
Но, малкумина знаат од каде потекнува инспирацијата за овој легендарен негативец кој ги тероризира улиците на градот Готам, претставувајќи вечен непријател на Бетмен.
Изгледот на Џокерот е едноставен, бело лице со зелена коса, изразени црвени усни и манијачка насмевка полна со исклештени заби.
Зачетокот на овој изглед може да се најде во црно-белиот филм, поточно во германскиот експресионизам со мрачните тематики и нивното влијание врз хорор-филмовите.
„Човекот што се смее“, филм од 1928 година, е инспирација за изгледот на модерниот Џокер. Главниот лик Гвинплаин, кој го игра Конрад Веит, е измачена душа која е намерно осакатена од кралот Џејмс Втори, како казна поради гревовите на неговиот татко. Тој е осуден засекогаш да ја носи застрашувачката насмевка додека е дел од патувачки караван. Филмот е базиран на истоимениот роман од 1869 година напишан од Виктор Иго.
Додека легендарните цртачи на стрипови Боб Кејн, Бил Фингер и Џери Робинсон предложиле идеи за изгледот на големиот негативец кој ќе биде ноќна мора на Бетмен, Фингер имал книга со фотографија од Конрад Веит, која им ја покажал.
– Фингер ни ја покажа фотографијата и рече „Ова е Џокерот“ – изјави во интервју од 2008 година Боб Кејн, кој објасни дека Робинсон ја дал идејата за името, по што го додале и џокерот.
„Човекот што се смее“ беше култно употребен и како наслов за стрипот за Бетмен издаден во 2005 година, од страна на Ед Брубакер и Даг Манге. Влијанија и детали од црно-белиот Веит може да се забележат и кај Хит Леџер во „Темниот витез“ на Кристофер Нолан.
Со секоја нова адаптација и реинкарнација на Џокерот, духот и застрашувачката насмевка на Веит продолжува да живее во модерното доба.