Книгите како психотерапија
Уште за Старите Грци читањето било лек за душата, а во почетокот на 20 век библиотерапијата како мeтод била вклучена во пошироката терапевтска постапка. На пациентите им се давале соодветни книги за читање, кои требало да им помогнат да се спознаат себеси, да ги задоволат своите најскриени потреби или да ги извадат на површина длабоко потиснатите делови на својата личност. Читањето дејствува како механизам на идентификација: се соживувате со ликот што претставува одраз на неговите сопствени емотивни проблеми. Пациентот минува низ психолошки пат што го води кон размислување, кон откривање аналогии за учење од туѓите искуства.
Сеќавањето на детските бајки – клучно
Во некои временски периоди од животот, па и од денот, имаме потреба од одреден вид стимул. Затоа, на нашата комода истовремено можат да се најдат: есеи, поетска збирка, хит роман или филозофска книга.
Некои жанрови предизвикуваат силни емоции, други ни помагаат да се релаксираме, трети нѐ носат на излет во световите од фантазијата и нѐ вовлекуваат во интригантски сплетки. Според библиотерапијата, секој вид потреба (или внатрешно незадоволство) може да се лекува со одреден тип книга. Бидејќи, освен што влијае на моменталното расположение, книгата може длабоко да влијае и на личноста на читателот. Читањето, всушност, е храна на умот. Туѓите искуства раскажани во книгите ги збогатуваат нашите сознанија и ни помагаат подобро да ја сфатиме реалноста и да размислиме за своите постапки.
Со оглед на тоа дека се работи за активност што ја зголемува способноста за интроспекција и самосвесност, и ги развива сензибилитетот, љубопитството и емпатијата, со читањето можеме да ја зголемиме и самодовербата. Но услов за постигнување такви резултати е уживањето во активноста. Оваа способност ја развиваме во детството, а зависи од начинот на кој нашите родители и учители ни ги читале приказните кога сме биле мали. Дали успеале да ни ги пренесат емоциите и да допрат до најдлабоките катчиња на нашата душа.
Таблети на мудроста
Но немојте да мислите дека веднаш по читањето на некоја книга ќе го почувствувате благотворното дејство. Ефектот, сепак, не е толку брз како земање таблета. Иако во почетокот постои само чувство дека пријатно сте минале неколку часа, во вашиот мозок се случувал мошне сложен процес.
Додека ги прелистуваме страниците на некоја книга, ние не сме само пасивни посматрачи како пред телевизорот, туку креираме имагинативен свет, составен од места, атмосфера, звуци. Ние сме тие што им даваат лице и глас на ликовите.
Индивидуалниот креативен процес што се создава при читањето се разликува од личност до личност (еден ист роман илјада различни читатели ќе го интерпретираат на илјада различни начини). Авторот на делото ни од далеку не може да го насети она што се случува во главите на читателите. Режисер сте вие самите. Присетете се колку пати сте останале разочарани од некој филм снимен според роман што сте го прочитале. Тоа се случува затоа што моторот на нашата способност за визуализирање, всушност, е најскриениот дел на нашата фантазија и на нашата личност. Кога ќе видиме дека режисерот на некој лик му дал лице целосно различно од она што ние сме го замислиле доживуваме разочарување.
Кога е најдоброто време за читање?
Во САД владее мислење дека секое место и секоја пригода се добри за читање. На пример додека се чека автобус, трамвај или друго превозно средство до дома. Во Европа, пак, сметаат дека за сериозно читање е потребна посебна атмосфера: мирно место, удобна фотелја и слично. Според многумина, европскиот начин е подобар, бидејќи мораме да влеземе во книгата и да учествуваме во читањето за да ги разбудиме механизмите на читање со цел.
Периодот на денот зависи од нашето слободно време и нашиот биоритам. Познато е дека подобро и поефектно е читањето за време на зимските и есенските дождливи денови, кога сме во затворен простор и свртени кон себе и својот свет. Но исто така летото со својата слобода и лежерност, особено додека сме на одмор, ни овозможува вистинско уживање, со помош на книгите, што цела година ги чуваме токму за овие денови.