Илјадници луѓе се собраа вчера во чилеанскиот регион Ла Арауканија за да сведочат на единственото целосно помрачување на Сонцето годинава. За жал, видливоста била малку била попречена од облачното небо. Во северна Патагонија во Аргентина небото било чисто. Чиле и Аргентина беа единствените две држави кои се најдоа на патот на целосното помрачување на Сонцето и од каде што можеше да се види прстен од светлина, пренесува „Асошиејтед прес“.
Многу луѓе носеле маски за да го спречат ширењето на ковид-19, додека се собирале заедно во Пјукон и во регионот Ла Арауканија, 700 километри јужно од чилеанскиот главен град Сантијаго.
– Вредеше да се дојде за овие две минути – изјавил Диего Фуентес, кој со семејството патувал од Сантјаго за да ужива во реткиот настан.
Целосното помрачување траело само две минути и десет секунди. Тоа се случува кога Месечината целосно го блокира Сонцето и фрла сенка врз Земјата, создавајќи привремена темница среде ден.
Експертите велат дека затемнувањето на Сонцето било делумно видливо и во неколку други латиноамерикански земји, како и во делови на Африка и области на Тихиот и Атлантскиот Океан. Следното целосно затемнување на Сонцето во Чиле се очекува да се случи за 28 години. Следното затемнување се очекува да биде видливо на Антарктикот до крајот на 2021 година.