За да се „усоврши“ менталната острина, потребно е да се вежба мозокот. Пробајте да запомните телефонски броеви, без оглед на тоа што повеќе не е потребно, решавајте крстозбори, играјте шах, составете Рубикова коцка. Иако не е мускул, и мозокот бара редовно вежбање за подобро да функционира.
Покрај горенаведеното, ви предлагаме четири едноставни научно докажани начини за подобрување на меморијата.
Мнемоника: студија објавена во списанието „Неурон“ покажала дека мнемолошките активности го менуваат мозокот дури и на физичко ниво. Може да креирате или да усвоите мнемоника што вклучува музика, зборови, имиња, ноти и рими. На пример, можете да ја користите првата буква од секој збор на списокот со работи што треба да ги запомните, а потоа да им дадете име на личност или предмет.
Зеленчук и овошје: истражување на универзитетот „Харвард“ врз повеќе од 28.000 мажи во раните 50-ти години покажало дека повеќе зеленчуци и овошја во исхраната имаат добар ефект врз меморијата. Студијата траела 20 години. Се покажало дека мажите што јаделе шест порции овошје и зеленчук на ден имале подобра меморија и други ментални функции отколку оние што јаделе до две порции.
Видеоигри: студија објавена во списанието „Бихевјурал бреин рисрч“ покажала дека видеоигрите го подобруваат функционирањето на регионите поврзани со меморијата во мозокот. Тоа не значи дека треба да поминувате часови и часови секој ден играјќи видеоигри, но тие секако се добра забава.
Вежбање: покрај менталното вежбање, и вежбањето на телото му помага на мозокот. Истражувањето објавено на интернет-страницата „Сајенс директ“ покажало дека седечкиот начин на живот ги компромитира менталните способности и го зголемува ризикот од деменција во староста. Редовното вежбање доведува до балансирање на хормоните, истовремено стимулирајќи ги неврохемиските промени што се одговорни за менталната острина.