Речиси половина од светската популација е подложна на лоша исхрана, што штетно влијае на здравјето, но има и негативни последици за планетата на која живееме, се истакнува во годишниот извештај кој денес, со наслов „Глобален извештај за исхраната“ е објавен врз основа на информации што ги собрале организации како ОН, ФАО, СЗО и Уницеф.
Според податоците во извештајот, 48 отсто од луѓето во светот во овој момент консумираат премногу или премалку храна.
Ако продолжи актуелниот тренд, светот нема да успее да исполни осум од деветте прехранбени цели на Светската здравствена организација (СЗО) до 2025.
Ова особено се однесува на намалување на бројот на преслаби деца за својата висина, заостанувањето на децата во развојот (се однесува на децата кои се премали за својата возраст), како и на намалување на бројот на дебели лица.
Во извештајот е наведено дека речиси 150 милиони деца во светот, помлади од пет години, заостануваат во физичкиот развој, над 45 милиони се преслаби за својата возраст, а истовремено речиси 40 милиони во светот патат од прекумерна телесна тежина.
Извештајот открива дека во светот се дебели или патат од прекумерна телесна тежина над 40 отсто од мажите и жените, што е околу 2,2 милијарди луѓе.
– Бројот на смртни случаи поради лоша прехрана, кој можел да се избегне или спречи, од 2020 година пораснал за 15 отсто“ и денес сочинува „четвртина од сите смртни случаи на возрасни лица во светот. Глобалните резултати до кои дојдовме упатуваат на тоа дека во последните десет години начинот на исхрана на населението не се подобрил и денес претставува глобална закана за здравјето на луѓето и зачувувањето на планетата на која живееме – вели Рената Мича, претседателката на групата независни експерти што го подготвиле извештајот.
„Глобалните резултати до кои дојдовме упатуваат на тоа дека во последните десет години начинот на исхрана на населението не се подобрил и денес претставува глобална закана за здравјето на луѓето и зачувувањето на планетата на која живееме“, додаде таа.
Во извештајот е пресметано дека глобалната побарувачка за храна во 2018 година произвела околу 35 отсто од емисиите на штетни гасови.
На крајот се наведува и податокот дека пандемијата на ковид-19, не само што глобално значително ги нарушила прехранбените и здравствените системи, туку во екстремна сиромаштија турнала дополнителни 155 милиони луѓе.