Од 1 до 4 август на нова локација, во кругот на поранешната касарна во Охрид, ќе се одржи четвртото издание на „Охрид колинг 2019“ („Ohrid calling 2019“), фестивалот што иницијално беше организиран како активност во насока на промоција на туристичката понуда на градот.
На фестивалска бина ќе настапат дваесеттина познати имиња од музичката електронска сцена. Ѕвезди на фестивалските вечери ќе бидат Стив Аоки, Маркус Сулц, НЕРВО, Вини Вици, Санери Џејмс, Рајан Маричано и уште многу други.
Организаторите најавија дека и за ова фестивалско издание ќе биде подготвена спектакуларна сцена, со врвно озвучување, најсовремени визуелни ефекти, пиротехника, односно сите предуслови за несекојдневно музичко доживување, а се очекува рекордна посетеност од 50 илјади луѓе.
Изминатите фестивалски изданија на сцената на „Охрид колинг“ настапуваа бројни светски ѕвезди од електронската музичка сцена како Димитри Вегас, Лајк Мајк, Џекс Џонс, Роџер Санчез, Армин ван Бурен, Ники Ромеро и Лост Фреквенсис, Афроџек, Хардвел и многу други.