Валентина Ѓоргиевска
Новиот албумот на „Баклава“, за кој членовите велат дека е нивно ремек-дело, е колоритен, а секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите
Во салата „Фросина“ МКЦ, каде што пред 15 години ја почнаа својата музичка приказна, членовите на етногрупата „Баклава“, во петокот, концертно го промовираа својот четврти албум, насловен „IV“, кој излезе на цеде, но и на лонгплеј-плоча. На концертот присуствуваше истата онаа публика што верно ја следи нивната развојна линија, но и оние што искрено сакаа да ги запознаат за првпат. На крајот на вечерта и едните и другите беа понесени од магична атмосферата, која овој пат ја направи, старата, но истовремено една нова „Баклава“.
Ако некогаш пееја стари етно и новосоздадени, типично македонски мелодии, сега членовите на групата зачекориле подалеку, трансформирајќи го новиот материјал во еден чудесен микс на ворлд-музика, со примеси на повеќе етноправци. Таа трансформација никако не е нагла, се случуваше малку по малку, трошка по трошка, а најмногу со учеството на пејачката Елена Христова во познатата турска група „Баба Зулу“, по што таа и како автор и како исполнителка, ја пронајде својата уметничка дефиниција.
Всушност, таа нова енергија го обои и концертот, кој сценски беше рок, музички беше ворлд, а беше светски. Впечатливо беше да се ужива во свирењето на големиот број музичари на сцената и во убавиот, карактеристичен глас на Елена, која се појави со нов имиџ, во стилот на сликите на уметникот Пит Мондријан, но со етноелементи и со нова гологлава фризура.
Под рефлекторите на извонредното лајт-шоу, што го дополнуваа и други ефекти, набргу по првиот, воведен музички блок, во кој Елена нѐ внесе во музичката приказна на новиот албум, на сцената се појави водачот на „Суперхикс“, Петар Младеновски. Тој со неколку члена на групата прво ја исполни новата песна на бендот – „Ана“, а потоа моќно прозвучи и актуелната „Чоколада“, која ја отпеаја заедно со Елена. За жал, немавме можност да го слушнеме и хрватскиот музичар Дарко Рундек, кој беше дел од песната „Рузмарин“.
За време на речиси двочасовниот перформанс, Елена и преостанатите членови на „Баклава“ ги изведоа сите песни од новиот албум, на кој таа му ја создаде музичката подлога, како авторка на музиката, на новите 13 песни. Со овој носач на звук групата жанровски врти сосема нова страница. И навистина, албумот, за кој велат дека е нивно ремек-дело, е колоритен, а секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите: „Тиркиз“, „Пурпурна“, „Чоколада“, „Рузмарин“, „Пендолира“, „Сина“, „Рубин“, „Сребрена“, „Сива“, „Бела“, „Невен“, „Фламинго“, „Сенка“…
Македонското етно низ оваа нова „Баклава“ е така сервирано што може да го вкусите само во нијанси, а целокупниот вкус е проширен во еден поширок концепт на жанрови, кои влегуваат во таа урнебесно возбудлива ворлд-музика. Сепак, колку и да е се измешано, тоа е направено со вистинска мера.
– Ова е голема тема, за да ја објасниме монохроматски. Четворката не е само звук, слушајте и уживајте – порачуваат од „Баклава“.
Елена Христова ги пее песните претежно на македонски јазик, но има и понекоја строфа на турски, хрватски, влашки, латински…
Музиката е отсвирена на многу инструменти од големите мајстори: Сибо – деф, перкусии и електрични тамбури, Дејан Теодосиевски – виолончело и пијано, Драган Стојковски – бас гитара, тамбурут и електрични тамбури, Гого Клинчаров – тамбура, Игор Стевковски – тапани, Александар Николовски – труба, Џенгиз Ибраим – канон, Петар Христов – акустична гитара, кларинет и саксофон, Трајче Ристов – тарабука, Јордан Костов – хармоника, Ваљон Адеми – виолина, Тино Скендеровски – хармоника и програмирање, Гордан Спасовски – пијано, Гоце Стевковски – тапани, Гоце Наумов – тапани и перкусии, Амон Мра – усна хармоника, Лазе Стерјовски – хармоника. Албумот е снимен во студијата „Тралала“, „Ентерпрајз“, „Алшар“, „Чикен меднес“, а Елена, најчесто беше и аранжерка. Продуценти се: Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Андреас ХЗ, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски…
Многу луѓе, многу креативци на едно место, масовна уметничка ангажираност, резултатот – одличен.
Втор концерт засега не е закажан, но според очигледниот квалитет на овој музички материјал, повеќе од сигурно е дека наскоро публиката сама ќе ја наметне потребата за нови концерти. Таа слатка потреба за оваа неодолива музичка баклава.