Планирано е Македонците сосе гаќи да се иселат од Европа, да се населат на Црвената Планета (Марс), за уште еднаш да ѝ докажеме на ЕУ дека треба сериозно да смета на нас ако ја извршиме и оваа мисија, велат нашите соговорници
Сѐ позачестените најави дека многу скоро нашата земја ќе стане членка на НАТО, се поклопија и со несекојдневна информацијата што деновиве ја најави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, во која вели дека воениот сојуз ги проширува своите операции во вселената. Значи сега со Македонија како нова членка во своите редови, НАТО тргнува во освојување на вселената.
– Вселената е клучна за одбраната на Алијансата и за одвраќањето, за рано предупредување и за навигација – рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел.
Според него, околу половина од 2.000 сателити во орбитата на земјата им припаѓаат на членките на Алијансата.
И додека НАТО се подготвува да ја освои вселената, многумина веројатно се прашуваат која би била улогата на Македонија, како идна нова членка, во една таква значајна и историска мисија на Алијансата.
Тргнувајќи од начелото дека чувството за духовитост, ведрината, здравиот дух и хуморот се секогаш потребни за здрава нација и општество, но истовремено и поради фактот што хуморот е најдобра терапија за сите проблеми и во контекст на актуелните случувања, побаравме размислувања од комичари, актери како, според нив, би можеле да се одразат овие настани врз Македонија.
Соговорниците со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок велат дека токму хуморот и сатирата се здрави за еден народ и за едно општество како нашето, кое се соочува со мноштво предизвици.
Хумористот Војче Китановски вели дека најдобро ќе е НАТО нас да нѐ лансира во вселената како дел од таа експериментална програма.
Според него, ние Македонците подобро ќе се снајдеме таму отколку на земјата, на тој начин и НАТО ќе си заврши работа, а и ние ќе се спасиме од сите проблеми што ни се случуваат.
Актерот и писател Сашо Тасевски вели дека точно е дека ние сме клучниот играч во стратегијата на НАТО за освојување на вселената, односно ние сме дел од големиот план да бидеме први колонизатори на Марс.
– Она што им е кажано на нашите водечки личности во политиката е дека е планирано Македонците сосе гаќи да се иселат од Европа, да се населат на Марс, за уште еднаш да ѝ докажеме на ЕУ дека треба сериозно да смета на нас ако ја извршиме и оваа мисија: од Марс да направиме плодна почва за пиперки и патлиџан – вели Тасевски.
Горан Ѓуровски од „Зевзекманија“, пак, вели дека изјавата на господин Столтенберг, во која вели дека НАТО со Македонија ќе се прошири и во вселената, покажува уште една голема вистина, која во јавноста очигледно се премолчува, а факт за тоа е дека премиерот никогаш не ги лаже граѓаните бидејќи во моментов имаме 300 пилоти од Арачиново, кои очигледно се на обука во центарот на американската вселенска агенција НАСА.
Ѓуровски додава дека кога ќе станеме членка во Алијансата би можеле да очекуваме прилози на телевизиите, кои би започнувале со изјави од типот: „Пресреќен сум што ќе ’љетим‘ за НАТО“, гордо ни изјави соговорникот, кој ја поздрави својата фамилија и порача на следните избори својот глас граѓаните да им го дадат на тие што остваруваат ветувања, бидејќи од владини извори разбравме дека се бараат уште триста космонаути од реонот на северозападна Македонија да заминат во вселената.
Во меѓувреме, темата поврзана со НАТО-мисиите во вселената деновиве беше коментирана и на социјалните мрежи и кај твитер-заедницата.
На еден од профилите насловен само Димко, се вели дека војниците на АРМ немаат чизми и униформи, но по влезот во НТО сигурно ќе добијат и скафандери за во вселената. Притоа не се знае дали во зборот НТО, кој се користи во објавата на профилот, има печатна грешка или можеби иронично се мисли и алудира на НЛО (неидентификувани летачки објекти во вселената) со македонска посада.
На профилот насловен „Колумнист“ пишува дека НАТО чекал токму ние да влеземе во Алијансата за да започне програма за вселенска одбрана.
– Изгледа имаме потенцијал само бил длабоко скриен – пишува колумнистот.
Професор Караско на Твитер вели дека негов пријател на времето продавал земјиште на Марс, и запрашува дали по изјавата на Столтенберг сега треба да провериме да не купил таму имот некој македонски војник.
На профилот Јода сатирично се додава дека отсега НАТО сигурно ќе лансира и вселенски шатл-летала од полигонот Криволак.
Има и сатирични коментари во стилот дали кога ќе влеземе во НАТО ќе почнеме да праќаме и војници во вселената итн.
Сите овие мислења и коментари од еден поинаков агол само покажуваат дека македонскиот народ отсекогаш имал смисла за духовитост и хумор и дека поседува нескршлив дух, па и тогаш кога му било тешко, како сега во периодот по француското вето и недобивањето датум за преговори со ЕУ.