Невидливата црна точка се наоѓа во двоен ѕвезден систем на растојание од 1.000 светлосни години
Авторка: Марина Корен
Атлантик
Ноќе далеку на југот од екваторот постои еден интересен збир на соѕвездија кои слабо трепкаат закачени на таписеријата од ѕвезди. Тие не носат митски и легендарни имиња, затоа што старите Грци не можеле да ги забележат од Северната полутопка. Овие констелации беа откриени во средината на 18-от век од страна на францускиот астроном кој пловел на југ и ги именувал во чест на обични секојдневни предмети како телескоп, микроскоп, нишалка, штафелај, алатки и длето. Подоцна еден американски астроном ќе забележи дека ова го потсетувало на таван.
Како и секој преполн таван, овој дел од небото крие нешто навистина впечатливо. Астрономите открија црна дупка во едно од соѕвездијата соодветно наречено Телескопиум. На растојание од 1.000 светлосни години, црната дупка е поблиску до нашиот Сончев систем од сите други што досега се откриени. Иако можеби 1.000 светлосни години за нас се многу, но во космички размери тоа е многу блиску.
– Споредено со Млечниот пат, тој се наоѓа практично на нашиот праг – вели Томас Ривиниус, астроном во Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во Чиле, кој го предводеше истражувањето.
За споредба ќе разгледаме дел од најпознатите црни дупки во астрономијата, кои успеаја да се најдат на насловните страници. Црната дупка во центарот на галаксијата Млечен пат се наоѓа на оддалеченост од 25.000 светлосни години, а друга црна дупка која астрономите ја регистрираа со неверојатна прецизност е на растојание од 55.000 светлосни години во сосема друга галаксија. Новата црна дупка е толку блиску што во јасна ноќ на Јужната полутопка кога воздухот е чист може да се забележат ѕвезди кои орбитираат околу црната дупка што може да се види со голо око.
Ако оваа црна дупка барем во астрономски размери е во наша близина, како успеала долго време да ги измами астрономите? Црните дупки сепак се невидливи. Темните точки во вселената се бараат со помош на светлински траги околу нив. Повеќето од откриените дупки во нашата галаксија, кои се неколку десетици, беа забележани поради тоа што ги голтаа најблиските ѕвезди преку силно привлекување. Овој процес рефлектира огромна светлина при што може да се регистрира од Земјата.
– Понекогаш тие се најсветлите тела на небото – вели Ерин Кара, астрофизичарка на МИТ, која ги проучува црните дупки и не беше вклучена во последното откритие.
Всушност некои црни дупки емитуваат толку силна радијација што дури ја горат електрониката во телескопите што ги следат, смета Кара.
Новооткриената црна дупка не спаѓа во оваа категорија. Таа се наоѓа во двоен ѕвезден систем, но не е доволно блиску за да го уништи. Астрономите не ја бараа црната дупка, туку почнаа да го проучуваат овој систем познат како ХР6819 уште одамна, како дел од истражувањето на ѕвезди кои орбитираат во парови. Кога ги анализираа податоците, тие забележаа дека има нешто невообичаено во ХР6819 особено во однесувањето на внатрешната ѕвезда. Ѕвездата се движела со екстремна брзина, при што астрономите се посомневале дека постои трето тело во близина што ја врти во кругови.
Астрономите ја пресметаа масата на телото што овозможува толку силно да движи ѕвездата и таа изнесуваше четири пати повеќе од масата на Сонцето, што е речиси иста големина како самата внатрешна ѕвезда. Ривиниус тврдеше дека „тело со толкава маса не може да се скрие“, освен ако не е невидливо.
Покрај близината до Земјата, црната дупка не е опасна. Таа е незначително мала во споредба со онаа во центарот на нашата галаксија, чија маса е четири милиони пати поголема од нашето Сонце. Што се однесува до човештвото, таа е далеку за да претставува некаква закана.
– Црната дупка мора да е многу блиску за да вовлече некакво небеско тело – вели Ривиниус.
Астрономите проценуваат дека во нашата галаксија постојат стотици милиони црни дупки. Најновото откритие им дава надеж дека постојат и други во близина на околните ѕвезди.
– Важно е да се нагласи дека ова е најблиската што ја регистриравме, а можеби постојат други црни дупки уште поблиску – смета Сера Маркоф, астрофизичарка од универзитетот во Амстердам.
Најверојатно постојат и други црни дупки кои орбитираат во наша „близина“ и се кријат околу светлите ѕвезди. Некои од нив воопшто не кружат околу ѕвезди, туку талкаат низ најтемните краеви од вселената без никакви светлосни сигнали да го откријат нивното постоење, како космичка џебна батерија која фрла светлина врз заборавена кутија на таван.
Превод: Билјана Здравковска