Поседувањето на луксузно електрично возило на „Тесла“ е главен симбол за либерален статус. Тоа не сигнализира ништо повеќе од добар вкус и совршен биланс на богатство кое истовремено покажува грижа за фосилни горива. Но, човекот зад брендот создава поинаков имиџ на Интернет, што може да се покаже како предизвик за неговите обожаватели, пренесува „Њујорк тајмс“.
Илон Маск, сопственикот на „Тесла“ и „Спејс екс“, во неделата ги охрабри неговите 34 милиони обожаватели на Твитер да „ја земат црвената пилула“, метафора за насочување кон десничарството и конзерватизмот. Изразот со црвената пилула е популаризиран по филмот „Матрикс“, каде што главниот лик Нео треба да избере меѓу сина и црвена пилула. Сината пилула ќе му дозволи да се врати и да живее во игнорантната, но слатка лага, додека земањето на црвената пилула ќе го впушти во тешко патување низ брутална, но исполнувачка реалност, преку која тој ќе ја спознае вистината.
Ваквиот коментар на Маск беше прифатен од голем број негови следбеници, вклучувајќи ја и Иванка Трамп, постарата ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп, која напиша дека веќе ја зела црвената пилула.
Taken! https://t.co/Ng0S2OFC93
— Ivanka Trump (@IvankaTrump) May 17, 2020
– Искрено, Маск станува ризик, а одборот на „Телса“ треба сериозно да размисли како да се обиде и да го отстрани. Ова го кажувам како горд сопственик на автомобил „тесла“ и фанатик кој вистински почитува сѐ што тие креираат – изјави Маркос Мулицас, автор на книгата „Прирачник за отпор: 45 начини како да се борите против Трамп“.
Земањето на црвената пилула беше популаризирано од младината на десничарските движења, кои пропагираат дека феминизмот е измама која ги уништува животите на мажите и жените. Да се биде маж, и да се одбие црвената пилула според нив е знак на слабост. Но, исто така може да значи да се биде скептичен кон експертите, да не се верува во медиумите и печатот или да се види лицемерие во социјалниот либерализам.
Што се случува со Маск?
Маск овие неколку години стекна неверојатна популарност на Интернет, а неговите следбеници се нарекуваат себеси „Маскетари“ (слично како мускетарите), кои имаат активни страници и форуми на Интернет на кои секојдневно дискутираат за разни теми.
Периодов, Маск беше скептичен во врска со коронавирусот, нарекувајќи ја паниката беспотребна, а погрешно процени и дека ќе нема активни случаи до месец април. Досега, има повеќе од 90.000 смртни случаи од вирусот и повеќе од 1,5 милиони случаи на заболени само во САД.
Минатиот месец, ноќта пред заработката на „Тесла“ да биде објавена, Маск на Твитер повика „да се ослободи Америка“, а исто така се закани и ја отвори фабриката на „Тесла“ во Калифорнија, и покрај ограничувањата на локалната власт да го спречи ширење на вирусот. Маск напиша дека ќе биде лично во фабриката.
– Јас ќе бидам на работа со сите други работници. Ако некој треба да биде уапсен, замолувам тоа да бидам само јас – напиша Маск на 11 мај.
Бил Селески, аналитичар во „Аргус Рисрч“, вели дека Маск е причина за постоење на фразата Е.М.М. – „Илон ги придвижува пазарите“, а објаснува дека секоја порака и секој твит на Маск неговите следбеници речиси безрезервно ги прифаќаат.
– Тој сака да се претставува себеси како голем визионер. Плус, кога возите „тесла“ никој не смее за ви пререче за ништо, бидејќи вие автоматски сте добра личност затоа што се грижите за природата – вели Селески.
Но, како се чувствуваат сопствениците на возила на „тесла“ во врска со објавите на Маск на Интернет?
Малку производи денес се толку длабоко испреплетени со брендот на една личност, како што е „Тесла“ и Маск, и така неговите коментари и објави на Интернет можат да бидат сфатени лично од неговите купувачи.
– Како возач на „тесла“ кој се грижи за околината, економијата, иднината на нашите деца, но и како човек кој се опоравува од ковид-19, тоа што го прави Маск според мене не е во ред. Оваа болест не е шега, а долгорочните влијанија врз здравјето се уште се непознати за оние кои ја прележале – изјави Џеф Гилфој.
Многумина го замолија Маск да запре со ваквото однесување.
– Поседувам автомобил „тесла“ и ја сакам компанијата. Но, треба да престанете да се однесувате како идиот за ковид-ситуацијата – напиша Раџа Абас, директор на психијатриската клиника во Алентаун, Пенсилванија.
– Ова беше разочарувачки твит. Зборовите се оружје особено кога се користат за време на ситуации како оваа што моментно ја доживуваме. Звучите како Трамп во овој твит – напиша Алекс Гудчајлд, диџеј од Бруклин.
Неговите твитови беа и повик за будење на дел од неговите следбеници. Дел од нив веруваат во потребата за изолација, а дел од нив го поддржуваат и понатаму. Но, поседувањето на неговите продукти има голема симболика за сопствениците, но и за останатите.
– Ако поседувате „тесла“, сметате дека сте директно поврзани со Маск и луѓето мислат дека сопствениците на неговите автомобили се директно поврзани со политиката на извршниот директор – рече Сем Кели, сопственик на возило „тесла“и инвеститор со седиште во Шпанија, додавајќи дека не смета оти коментарот за црвената пилула означува некое големо и ново политичко будење од страна на Маск.