Денес студиото за тетоважа на Боге е во центарот на Дизелдорф, во стариот уметнички дел на градот, покрај каналите на реката Рајна. Модерно и уредено со вкус, официјално именувано „Оскарт“, во студиото доминира постер-слика на Мона Лиза, како своевидна „скриена“ асоцијација на нејзиниот создавач – Леонардо да Винчи, со кого Боге го споредуваат неговите клиенти
Ако се зборува за некаква аналогија на поимот „американски сон“ на Стариот Континент, според балканските стандарди за успех, Германија е некако најсоодветната локација за остварување на нешто што би се нарекло „европски сон“. Таквиот стандард за успех во животот можеби најдобро е дефиниран во оние стихови на песната „Џипси сонг“: „Јас сум шетал, јас сум бил на Запад, дури до Германија…“ И според овие (сепак „неканонизирани“) параметри, кумановецот Боге Стојковски во Дизелдорф, Германија, го живее токму тој европски сон.
Всушност, мајсторот за тетоважи Боге меѓу своите клиенти е познат како Оскар да Винчи. А клиентите што му го дале професионалниот прекар се спортисти, претежно професионални фудбалери, на кои Боге, или Оскар да Винчи, успеал да им го изрази карактерот преку тетоважите што ги изработил на нивните тела. Во светот на професионалниот спорт, тетоважите се своевиден статусен симбол, а Боге барем на стотина професионални фудбалери им го има создадено тој веќе неизбежен визуелен имиџ.
– Кај мене се имаат тетовирано најмногу фудбалери од германската Бундес-лига и речиси сите од Борусија Дортмунд. Мојата професионална приказна со тетовирањето во Германија започна во 2003 година, кога дојдов во Дизелдорф, иако првпат посериозно почнав да се занимавам со цртање тетоважи во 1999 година, кога работев на грчкиот остров Кос. Сепак, во Германија го создадов моето уметничко име во тетовирањето, а најмногу за тоа придонесе соработката, а подоцна и пријателството со фудбалерот Марко Ројс. Кога бев во Скопје, инаку често доаѓам во Македонија, во еден трговски центар видов рекламен билборд токму со Ројс, на која се гледаше тетоважата што јас му ја изработив. Навистина само јас го знаев тоа, но ми беше своевидна сатисфакција што видов јавно, да речеме, некое мое дело – раскажува Боге.
Денес студиото за тетоважа на Боге е во центарот на Дизелдорф, во стариот уметнички дел на градот, покрај каналите на реката Рајна. Модерно и уредено со вкус, официјално именувано „Оскарт“, во студиото доминира постер-слика на Мона Лиза, како своевидна „скриена“ асоцијација на нејзиниот создавач – Леонардо да Винчи, со кого Боге го споредуваат неговите клиенти.
Интересот на Боге за тетовирањето почнал како класично детско љубопитство во неговото родно Куманово. Имал осум-девет години кога слушал некој пријател на татко му што раскажувал како самиот се тетовирал во војска. Љубопитниот Боге решил веднаш на себе да ја испроба новооткриената уметничка техника, а потоа да ја „усовршува“ на помладиот братучед.
– Со мојата тогашна детска процена на карактерите на возрасните, сфатив дека тетин ми (таткото на братучед ми) беше разбран и, што се вели во Куманово, мек човек. Претпоставив дека тој нема да се лути (многу) што „вежбав“ тетовирање на син му. Излезе дека бев во право во однос на тетин ми, но не поминав толку лесно кај моите родители и кај родителите на другите деца од малото, кои самите се пријавуваа и чекаа на ред да ги тетовирам – низ смеа се сеќава Боге на своите почетоци со тетовирањето.
Сепак, долго време не ни помислувал дека тетоважите ќе му бидат вистинска професија, па освен што завршил средно ветеринарно училиште, паралелно градел имиџ на урбан лик низ Македонија, работејќи во многу дискотеки низ земјата. На крајот на 1990-тите, работејќи на островот Кос, сфаќа дека тетовирањето станува многу популарен тренд и сериозно почнува да се интересира и да се надградува во својот уметнички израз.
– Отсекогаш сум имал талент и осет за цртање и сликање. Со леснотија учев да цртам разни мотиви, иако немам формално ликовно образование. Тетовирањето како одредена форма на уметност е само една форма (можеби најкомерцијална) на мојот уметнички израз. Кога не работам со клиенти, обично сликам и цртам графики во приватниот дел на моето студио. Се случува некои од клиентите што доаѓаат да се тетовираат да се заинтересираат и да купат и нешто од моите сликарски дела – вели Боге.
За животот и работата во Германија, Боге вели дека самиот систем на функционирање во општеството овозможува речиси „неизбежно“ да се успее, ако човек се придржува до принципите и правилата на таквиот систем. Иако веќе 17 години е во Германија и таму има оформено семејство (сопругата сепак му е од Охрид), Боге не ги прекинува врските со Македонија. Секојдневно комуницира и работи со познати личности од германскиот (и европскиот) јавен живот, но постојано е во тек со настаните во Македонија, а комуницира и активно со македонската дијаспора во Дизелдорф и околните градови. Често гостува во емисии на германските телевизии, но амбициите и плановите на Боге не завршуваат со тетовирањето.
На самиот крај од средбата во неговото студио открива дека работи на создавање сопствена колекција брендирани маици со карактеристични сликарски мотиви, создадени како негово уметничко дело. Сонот за успех на Боге Стојковски од Куманово, алијас Оскар да Винчи, кој има тетовирано многумина од германската елита, веќе го надминува континентот и се проширува на глобален план.