Осумдесет и деветгодишната Клаудија Андухар, својот живот го посветила на фотографијата и заштитата на племето Јаномами, една од најголемите домородни заедници во Бразил.
Повеќе од пет децении, Клаудија која е родена во Швајцарија, преку нејзините фотографии ги овековечува деталите од животот на племето кое живее во оддалечена шума на границата на Бразил со Венецуела.
Нивните мали села се расфрлани во шумите покрај реките Катримани и Ориноко во областа Рораима во северен Бразил. Членовите на племето се занимаваат со лов и земјоделство и ја користат техниката на сеча и горење, а живеат во мали, расфрлани, полутрајни села.
Андухар е родена во Швајцарија во 1931 година и пораснала во Трансилванија, Романија. За време на Втората светска војна, нејзиниот татко, унгарски Евреин, бил убиен во логорот Дахау, како и многу од нејзините роднини. Андухар се преселила со нејзината мајка во Швајцарија, а потоа во САД. Таа го одбрала Бразил како крајна дестинација во 1955 година. Таму ја започнала својата кариера како фотограф.
На почетокот таа експериментирала користејќи различни техники, снимала со инфрацрвен филм, користела вазелин на објективите и различно осветлување за да постигне изобличување и заситеност на бојата.
Таа се обидела да ја долови шаманската култура на племето Јаномами создавајќи туѓ, вонземски изглед, наместо да го користи вообичаениот документарен стил.
Преку изградбата на прекуконтинентален автопат низ Амазон, кој претставувал проект на бразилската влада, се овозможило регионот да биде подложен на уништување на шумите, како и за инвазивни земјоделски програми.
Честите контакти со странци предизвикале епидемии на болести кај припадниците на племето Јаномами, за кои тие немале имунитет. На тој начин исчезнале цели две заедници.
Оваа состојба ја потсетила Андухар на геноцидот во Европа и во 1978 година таа се приклучила на политичката кампања за создавање на племенски резерват. Уметничкиот проект на кој работела го напуштила и сè повеќе користела фотографии за да ја информира јавноста за проблемите со кои се соочува племето.
Нивната земја во Бразил во 1992 година била прогласена за автохтон резерват, паркот Јаномами.
Изложбата на фотографии од Клаудија Андухар „Борбата на Јаномами“ во просториите на фондацијата „Картие за современа уметност“ ќе биде изложена до 10 мај годинава во Париз.