Достапна, а не чини многу
Не е можно да се набројат сите прехранбени артикли што го подобруваат нашиот имунолошки систем, па затоа ги издвоивме оние што се истакнуваат со својствата, а можат да се купат во маркетите и на пазарите и за нив не треба да се издвои цело богатство. Треба да се има предвид дека не постои храна што моментално го подобрува имунитетот, бидејќи сите корисни состојки треба да се консумираат редовно, за да може телото да ги почувствува нивните ефекти
Ѓумбир – противвоспалителен корен
Антиоксидансите од коренот на ѓумбирот имаат моќни противвоспалителни својства. Зошто е важно тоа? Метаболичките процеси во телото, токсините што навлегуваат во организмот, разни инфекции, изложување на УВ-зраци… придонесуваат за голема продукција на слободни радикали, чија активност резултира со оксидативен стрес – метаболичка состојба во која доаѓа до оштетување на клетките. Ѓумбирот содржи антиоксиданси што ги сузбиваат слободните радикали и со тоа помагаат во заштитата на организмот од болести како што се: артритис, тумори, невродегенеративни нарушувања.
Лук – го поттикнува имунолошкиот систем
Готвењето не може да се замисли Без лук, но и домашните лекови против вируси и бактерски заболувања. Илјадници години луѓето знаат дека лукот им помага како заштита од разни болести и го забрзува оздравувањето, а неговите антибактериски, противвирусни, противгабични и имунолошки својства ги потврдија и научните истражувања. Чешнињата лук се богати и со антиоксиданси што ги сузбиваат нападите на слободните радикали, соединенијата што учествуваат во настанувањето на Алцхајмеровата болест, срцевите заболувања, ракот и други тешки здравствени состојби. Се смета дека лукот може да помогне во ублажување на настинката, грипот и слични инфективни болести.
Немасен јогурт – неизоставен дел од исхраната
Прехранбените препораки наведуваат дека возрасните лица би требало да јадат три порции млечни производи на ден. Добар избор е јогуртот со мал процент на масленост, бидејќи во 2,5 децилитри има 11 грама протеини и речиси 400 милиграми калциум, а само 250 калории. Ги содржи и витамините Д, Б2 и Б12. Треба да се истакне дека јогуртот е богат со пробиотици, микроорганизми важни за нашето здравје, особено за цревната флора, која, пак, ни е потребна за добро функционирање на органите за варење, чистење на организмот и за нормално функционирање на имунолошкиот систем.
Спанаќ – вистинска суперхрана
За спанаќот се зборува како за суперартикл, и тоа сосема оправдано, бидејќи овој зеленчук е богат со фолати, со витамините А и Ц, растителни влакна, магнезиум и со железо. Хранливите состојки на спанаќот го јакнат имунолошкиот систем и го снабдуваат организмот со потребните состојки, неопходни за делбата на клетките и за обнова на ткивото, како и за санација на оштетената ДНК. Најголем ефект од сево ова ќе имаме ако спанаќот го јадеме суров или варен на пареа.
Пченични никулци – богатство од зрно
Никулците се сместени во јадрото, најзаштитениот дел на зрното на пченицата и содржат вистинско богатство: витамини од Б-групата, цинк, витамин Е. Помешајте ги со јогурт и со нив дополнете ги житните снегулки за појадок. Можете да ги ставите и во кашест сок, да замените со нив дел од брашното при приготвување разни рецепти.
Цитруси – дневна доза витамин Ц
Портокалите, лимоните, мандарините… ни се најпознати по високиот процент на витамин Ц, моќен антиоксиданс што го поттикнува производството на белите крвни клетки, кои се важен сегмент на имунолошкиот систем во одбраната од различни инфективни болести. Ако немаме доволно витамин Ц, а би требало редовно да внесуваме по 60-75 милиграми на ден, се изложуваме на ризик од заболувања. Препорачаната дневна доза ќе ја добиеме само ако исцедиме еден портокал со средна големина и сокот го пиеме наутро. Ако целта е превенција од инфекции на органите за дишење, треба да земаме 100-200 милиграми витамин Ц на ден.
Боровинки – ситно, но моќно овошје
Не е лесно да се набројат сите добри карактеристики на боровинките, бобинка што се препорачува за јакнење на имунитетот. Содржи изобилство антиоксиданси, меѓу кои е антоцијанот, на кој му ја должи препознатливата боја. Ги намалува воспаленијата во телото и помага во сузбивање на дејството на слободните радикали, кои се поврзани со создавањето на многу дегенеративни болести. Богати се со растителни влакна, кои се корисни за добро варење на храната, а го намалуваат и холестеролот во крвта. Содржат витамин Ц, кој дејствува превентивно против настинки и други заболувања.
Печурките имаат антивирусни својства
Печурките го стимулираат одбранбениот систем на организмот. На пример, во шитаке-печурките се откриени се состојки што дејствуваат антибактериски, но и противвирусно. Дури и шампињоните, најдостапните печурки, се добри за имунитетот, бидејќи имаат висок процент на селен и витамин Б2 и Б3. Богати се и со полисахариди, молекули слични на шеќерот, кои го јакнат имунитетот. Имаат пријатен и благ вкус, па можете да ги додадете во разни јадења.
Калинката ги напаѓа бактериите и вирусите
Со своите антибактериски и анивирусни својства се истакнува и калинката. Соединенијата пронајдени во ова овошје со кисело-сладок вкус, во лабораториски услови спречиле зголемување на штетни типови бактерии. Има докази дека сокот од калинка го потиснува и развивањето на бактериите во усната шуплина, кои придонесуваат за појавата на гингивитис. Екстрактот од калинка има антивирусни својства и помага при лекување грип, херпес и други вирусни заболувања и ја подобрува работата на добрите бактерии во цревата.
Зелениот чај го намалува ризикот од срцеви заболувања
Антиоксидансите во зелениот чај, како што се полифеноли и флавоноиди, го јакнат имунитетот, а исто така можат да го намалат ризикот од срцеви болести. Со редовно пиење зелен чај може да се влијае на нивото на маснотиите во крвта, да дојде до пораст на добриот и намалување на лошиот холестерол, како и на триглицеридите.
Бататот е богат со витамин А
Еден батат со средна големина содржи неверојатни 120 отсто од препорачаната дневна доза витамин А. Бататот со портокалова боја содржи 30 отсто од препорачаната доза витамин Ц и само 100 калории. Споменатите витамини го јакнат човековиот имунитет, а одлични се и за кожата. Бататот содржи и растителни влакна, но многу малку маснотии.