Филмот „Џокер“ предизвика различни реакции кај публиката и е на добар пат да заработи повеќе од 900 милиони долари на светско ниво. Се смета дека сето тоа се должи на генијалната изведба на Хоакин Феникс, кој, како што откриваат продуцентите и режисерите, има импровизирано неколку сцени во филмот.
Феникс во секоја од сцените го даде својот максимум, за што поубедливо да го одглуми ликот на Џокерот, а продуцентите откриваат дека тој во улогата се внел толку многу што неколкупати самиот одлучил што треба да стори во одредени сцени.
– Некои од сцените беа детално испланирани, како на пример оние кога тој се наоѓа во телефонска говорница или кога се качува по скалите, додека другите беа снимени непланирано – открија продуцентите.
Во филмот може да се видат сцени каде што Артур Флек (Феникс) стои покрај фрижидер целосно расеан, потоа ги вади работите од фрижидерот, влегува внатре и ја затвора вратата зад себе.
– Кога влезе во фрижидер на почетокот не можевме да сфатиме што сака да направи. Потоа поставивме две камери, а Феникс размислуваше за тоа што да направи за да покаже дека трпи големи последици од несоницата. Сите бевме воодушевени од тоа што го видовме и за нас беше многу чудно. Се прашувавме што прави, дали тој навистина влезе во фрижидер? Беше забавно и чудно да се гледаат неговите движења – откриваат тие.
Во текот на снимањето на филмот такво нешто се случило повеќепати, затоа што Феникс сакал да експериментира.
– Сцената каде што Артур пука во ѕидот беше испланирана, сите знаевме дека тој треба да пукне со пиштол во секој момент. Сепак, кога камерата почна да снима, Феникс стана, почна да танцува и да зборува сам со себе. Тоа нè изненади, а ние го пуштивме да продолжи со она што тој го имаше замислено – заклучија продуцентите.