ЛД Пистолеро во МКЦ
Немам трема, но чувството е посебно затоа што ова е мој прв солистички концерт, а тие што нѐ познаваат мене и мојата екипа знаат дека шоуто ќе биде беспрекорно, вели ЛД Пистолеро
Македонскиот рапер Владимир Пешков, попознат како ЛД Пистолеро, на 1 декември, во рамките на фестивалот „Таксират“, во МКЦ, ќе го одржи првиот солистички концерт за кој влезниците веќе се распродадени. Тој е на сцената од раните 2000-ти години и како член на култните македонски хипхоп-групи „Гринаут“ и „Легијата“, има музички багаж од неколку студиски изданија, кои се веќе класици на балканската рап-сцена. Соработувал со голем број домашни и странски артисти, а својот прв соло-албум, насловен „После мостот“, го издава во март 2013 г. Вториот носач на звук, „Далеку“, излегува шест години подоцна.
Концертот веќе одамна е распродаден. Дали е тоа добар мотив за вас и за екипата да дадете сѐ од себе?
– Концертот се распродаде за многу брзо време, што ме прави среќен и тоа е само доказ дека луѓето искрено и со почит реагираат на музиката што ја негуваме од раните 2000-ти до денес. Моето место отсекогаш било на бина, тоа го знам уште од дете. Немам трема, но чувството секако е посебно затоа што ова е мој прв солистички концерт, а тие што нѐ знаат мене и мојата екипа знаат дека шоуто ќе биде беспрекорно. Концептот е секогаш да излеземе подготвени и да го обработиме своето до максимум, зашто публиката го сака тоа и го очекува од нас. Нема да ги откријам гостите, само ќе кажам дека од прв до последен се големи легенди.
Новиот албум „Далеку“ им го посветивте на најблиските, на фамилијата. Кој ви помогна во неговата реализација?
– Моите дела се секогаш посветени на моите најблиски, и кога мислам на најблиски мислам еднакво на фамилијата и на потесниот круг пријатели. Секој има свој удел на свој начин и акмулираната позитивна енергија на крајот го наоѓа својот пат до целта.
Зошто чекавте цели шест години да го издадете албумот „Далеку“?
– Кога станува збор за мојата музика сакам да гледам на неа како на нешто најбитно во мојот живот и секогаш така се поставувам. Моите стихови отсликуваат период, а тој некогаш знае да трае само три дена, а некогаш цели шест години. Со Гоце сакавме албумот да звучи квалитетно и компактно, и песните што ги одбравме се финален продукт на целокупната работа низ годиниве. Низ нив сфатив дека ако се посветам на повеќе работи одеднаш нема да имам ист успех каков што би имал кога би се посветил само на една, и затоа чекав толку.
Велите дека во изминатиот период сте изгубиле многу, но сте добиле многу повеќе. На што конкретно мислите?
– Сите добиваме и губиме, разликата е во тоа кој каква поука или мотив ќе извлече од тоа. Јас мислам дека изгубив работи што ми тежеле на патот и ме терале да скршнам од него, а за возврат добив крилја.
Колку се сменивте вие на креативен план за овој период, дали учевте од најдобрите?
– Не би рекол дека учев од најдобрите, но би кажал дека од сите го вадев и вреднував најдоброто. Креативноста е релативна и магијата е во тоа да ја искористиш кога е на највисоко ниво, за најдобри цели. За секој артист е природно да еволуира, некој во полош некој во подобар правец, а некој цела кариера си останува ист.
Стилот во кој најдобро се снаоѓате: рап, хипхоп, со примеси на рок и поп-музика, алтернатива… дали го зазема вистинското место на нашата музичка сцена?
– Хипхопот се враќа на голема врата, но тоа не значи дека некаде бил, туку дека сѐ почесто се снима оној вистинскиот. Нашиот стил е препознатлив и оригинален и затоа не сме го промениле толку години, само сме го довеле до степен на совршенство за да можеме да уживаме во него. Јас лично одлучив да живеам од други активности, а сѐ што ќе ми донесе музиката е само плус за мене.
Вашите песни имаат силни пораки. Какви се реакциите на публиката, се пронаоѓаат ли луѓето во нив?
– Публиката се менува, расте, како и ние. Како рана заздравена на која не ѝ треба веќе фластер и тоа ме радува. Нашите пораки некогаш затвориле рана, но оставиле лузна, па каде и да ги одведе патот нашите верни обожаватели, секогаш кога ќе ја погледнат ќе се сетат со чии стихови растеле. А штом се отворат нови рани, ние секогаш ќе бидеме тука да ги залечиме за нив.