Актерот Хенк Азарија кој го позајмува гласот за ликот на Апу во популарната анимирана серија „Симпсонови“, истакна дека е подготвен да се откаже од улогата или да биде заменет од азиски актер, по контроверзите што ликот, наводно, ги предизвика во САД, пренесува „Гардијан“.
Азарија го соопшти неговиот став во гостување на телевизиска емисија, во која јавно ги повика творците на „Симпсонови“ да ги слушаат критиките поврзани со сопственикот на супермаркетот „Квикимарт“ во Спрингфилд, Индиецот Апу Нахасапимапетилон, кој е нарекуван „одвратна имитација на јужноазиските стереотипи“.
– Мислам дека е најважно да ги слушаме луѓето од Индија и нивните искуства со ситуацијата. Подготвен сум да ја напуштам улогата. Мислам дека тоа е правилно – кажа Азарија.
Расправијата за Апу стана актуелна во американската јавност, откако комичарот Хари Кондаболу го создаде документарниот филм „Проблемот со Апу“, во кој тврди дека репликата на анимираниот лик „благодарам, дојдете повторно“, била користена за исмевање на децата од азиско потекло во САД.
„Симпсонови“ се осврнаа на критиките во една од неодамнешните епизоди, додека извршниот продуцент на серијата, Ал Џин, порача дека „ќе се обиде да најде одговор за проблемите“. Азарија претходно истакна дека го вознемирува фактот што ликот на Апу предизвикува страдање некому.