Станче Петковскa (70), музичарка аматерка
За Станче Петковска (70), наставничка по музичко образование во пензија, третата доба навистина е златна и креативна, исполнета со дружење, остварување дамнешни желби, патувања и посветување на омиленото хоби.
Како што вели, нејзина најверна пријателка, од која никогаш не се дели во последниве години откога замина во пензија, е хармониката.
– Родена сум во Штип, но бидејќи татко ми беше воено лице живеевме во неколку града во некогашна Југославија, во Ќуприја, Пеќ и во хрватски Карловац, каде што токму тој ми ја купи првата хармоника. Имав 9 години и се сеќавам хармониката беше поголема од мене. Првите часови ги добив токму од татко ми, кој ми покажа како се свират неколку македонски народни песни, а потоа се запишав во нижо музичко училиште, кое го посетував две години. Од таму дојдовме да живееме во Куманово, учев во училиштето „Браќа Миладиновци“, каде што бев единствено девојче што свири на хармоника. Дома кај нас постојано беше вклучено радиото, па со воодушевување ги слушав инструменталните изведби на некогашната најпозната хармоникашка Радојка Живковиќ, која настапуваше заедно со нејзиниот сопруг Тине, што кај мене уште повеќе ја разгоре љубовта кон хармониката – се сеќава Петковска.
Таа по завршувањето на основното образование се запишала во средно медицинско училиште, но не престанала да свири на хармоника.
– Не станав лекарка, бидејќи се запишав на Педагошката академија и завршив за наставничка по музичко образование. Цели 35 години на моите ученици им ја пренесував љубовта кон музиката. Во рамките на воншколските активности раководев со големи училишни хармоникашки оркестри, кои имаа и по 20 члена. Во сеќавање ми останаа многуте настапи што ги имавме со учениците на МТВ, како и градските натпревари од каде што секогаш се враќавме со награди. Им предавав на плејада сегашни музичари: Боби Павловски, Милан и Тодор Завков и на Оливер и Дарко Димитрови. Горда сум што на некој начин кај нив ја поттикнав нивната музикалност и што многу далеку стигнаа и имаат успешни кариери – ни рече Станче.
Таа е неуморна и постојано ангажирана, нема ни миг слободно време.
– Членка сум на неколку пензионерски друштва во кои свирам и пеам, како и на етнохорот „Серенада“. Сум имала голем број настапи со нив, сме гостувале и на некои телевизии, а учествуваме и на пензионерски средби. Членка сум и на здружението „Трета доба“, кое постои веќе 20 години. Таму одам секој петок, се едуцираме за разни области, а има и моменти кога им свирам, а неодамна имавме концерт во Домот на АРМ во Скопје. На часовите има и по 50. Често патуваме и досега сме биле низ Македонија, во Грција и во Бугарија – ни откри Станче дел од своите ангажмани.
Најдраги ѝ се песните „Елено ќерко Елено“ и „Ако одам во Битола“. Освен за музика, секојдневно наоѓа време и за цртање и за пишување поезија.