Кога ќе влезете во светот на Хари Потер, нема враќање. Се губите во тој волшебен универзум што го создаде и го обликува Џоан К. Роулинг. Сѐ во нејзината приказна е автентично, а тоа го прави серијалот вистински феномен, како што беа „Битлси“, вели преведувачката Весна Рогановиќ од Србија за „Спутник“.
Иако како долгогодишна новинарка, уредничка и преведувачка умеела да препознае добра приказна, сепак, признава, била изненадена од силата на имагинацијата и магијата на раскажувањето на Џоан Кетлин Роулинг, уште при првата средба со текстот, седумтомниот серијал за детето волшебник.
Две децении од премиерата на филмот
Заедно со синот Драшко ги превела овие неверојатни приказни, кои и по две децении од екранизацијата на првата книга „Хари Потер и каменот на мудроста“ не престануваат да го привлекуваат вниманието и да ја разгоруваат фантазијата на читателите.
Во приказните на Роулинг, ние „нормалните луѓе“ сме претставени како вонземјани, од аголот на волшебниците доста чудни. За да биде уште поинтересно раскажувањето, таа измислила милион волшебни растенија и животни, митски суштества и така го обликувала својот свет. Во текот на преводот моравме да ги запишуваме сите тие измислени поими, за да можеме во следната книга на ист начин да ги преведеме. Во нејзините приказни сѐ е автентично, наспроти тоа што многумина подоцна пронаоѓаа што „позајмувала“ и од каде. Роулинг сето тоа вешто го синтетизирала на свој начин – смета Рогановиќ.
А дека „Хари Потер“ е феномен подолго од две децении (првата книга е објавена во 1997 г.), потврдува и судбината на ракописот што тогаш анонимната писателка безуспешно им го нудела на британските издавачи.
– Роулинг не можела да најде издавач, 17 од нив го одбиле ракописот. Токму овој факт е толку својствен за некој феномен, бидејќи секој го следи неверување и неприфаќање, зашто станува збор за нешто непознато, ново и, згора на тоа, од анонимен автор. Слично беше и во Србија, каде што исто така книгата беше одбиена за печатење од неколку издавачки куќи – потсетува Рогановиќ.
Таа напоменува дека дури по појавувањето на првиот филм, во вистинска смисла на зборот можело да се зборува за феноменот „Хари Потер“.
– Филмот беше иницијална каписла што придонесе за создавањето на овој феномен, што е и очекувано, бидејќи живееме во визуелна ера – додава преведувачката.
Светот сака да верува во илузии
На прашањето дали во срцевината на овој пред сѐ литературен феномен е тоа што на светот, уморен од еднозначност и баналност, му беше потребно силно верување во илузија и дали тоа за британската писателка беше „бришан простор“, Весна Рогановиќ вели дека тоа кај децата сигурно било една од причините да го прифатат Хари Потер.
– Децата се тие на кои овој серијал им е најблизок, бидејќи станува збор за генерации што, сепак, пораснале слушајќи бајки. Роулинг напиша бајка за малку поголеми деца, ученици, во која внесе и некои нивни теми, ја зачини со ситуации од реалниот живот – вљубување, натпреварување, нервоза пред испит. Во ова бајковидно пакување, таа на младите читатели им понуди и етички кодекс, кој постои во школата за волшебници „Хогвортс“, но сето тоа испреплетено со духовити дијалози и „специјални ефекти“ – објаснува Рогановиќ.
Дека во оваа сторија се водело сметка за психолошкиот аспект покажуваат некои важни факти, како оној дека Хари Потер е дете што расте без родители, дека е малтретиран во домот на својот вујко, но оти, благодарение на магијата и триковите, може да ги надмине лошите емоции и искуства. Така, во „огледалото на спомените“ може да ги види загинатите родители во времето кога биле живи.
– Хари во сѐ мора да биде суперхерој, да има јуначки атрибути. Луѓето сакаат да видат како хероите ги надминуваат проблемите, тоа секогаш дејствува терапевтски, па дури и кај возрасните. Но тоа истовремено е и синоним за секој вид добра литература за деца, бидејќи сето тоа создава еден добар лик. Да се потсетиме дека и некои други познати херои, како Том Соер или Оливер Твист, на свој начин беа трауматизирани. А Хари има уште една димензија, некоја месијанска црта. Тој ја пренесува христијанската идеја за љубов и милосрдност – идејата дека со добрина и љубов може да се покори злото, но ако љубовта е од сите. Таа љубов симболично се акумулира во него и, благодарение на тоа, тој на крајот застанува и конечно се пресметува со злото. Тоа е феноменална алегорија – истакнува преведувачката.
Моќта на магијата и на модерната технологија
Критичарите секогаш можат да најдат забелешки за некоја книга, а особено во авантуристички роман како овој. Но, всушност, „Хари Потер“ е книга за растењето, зошто тоа би била лоша книжевност? Она што може да се каже е дека Џоан Роулинг морала да прави некои компромиси, а тоа е видливо од четвртата книга, кога почнува мешањето на издавачката политика во литературата, која сега е жртва на својата популарност и феномен што самиот се јаде. Првата, втората и третата книга се напишани како бајки и тука е сѐ згуснато, полно со настани, фантазија, со изразена фантастика. Исто така Роулинг се најде на смена на векови, 20 век беше век на читање и таа го измисли Хари Потер во таа ера, затоа тој е толку моќен и обемен. Но потоа дојде ерата на визуелната култура и на филмот, а познато е што таа им прави на феномените – ги меле, ги меси, го прави со нив она што ѝ одговара.
Во 21 век се прават вештачки феномени, па затоа овој изворен феномен го надградија индустриски – вели таа.
Но во единствениот потег на авторката на технологизираниот свет да му се спротистави само со обично, старомодно волшебно стапче, Весна Рогановиќ ја гледа и нејзината посебна дарба, бидејќи успеа само со помош на стапчето да ја вшмука целата технологија на современиот свет.
– Таа направи мост меѓу магијата и технологијата. Во „Хогвортс“ има дисплеј, подвижни слики, оживување на мртвите на слики, тука е ситото на мислите. Зборуваме за писателка што впила сѐ што е околу неа и направила совршена синтеза – заклучува Весна Рогановиќ.