Харисон Форд повторно во главна улога во петтото продолжение на серијалот „Индијана Џонс“, кој ќе започне да се снима наредната година во Велика Британија, потврди Стивен Спилберг. Улогата на познатиот авантурист археолог повторно му припадна на Харисон Форд.
Спилберг оваа вест ја откри во говорот што го одржа на доделувањето на наградите „емпајар“ во Лондон, каде што му беше врачено признанието „Леџенд оф аур лајфтајм“. Спомена дека тој заедно со екипата на „Индијана Џонс“ ќе почне со снимање во април следната година.
– Со оглед на големиот број таленти во Велика Британија, доаѓањето овде секогаш се исплати. Глумци, техничари, електричари, столари и возачи – сите тие ми помогнаа да правам филмови. И ќе продолжам со истата соработка следната година во април, кога всушност ќе започнам да го снимам петтиот дел од „Индијана Џонс“ – рече Спилберг.
Харисон Форд уште еднаш ќе се појави во својата најпозната улога, со која дебитира во 1981 година. Премиерата е планирана во јули 2020 година, а продуценти на најновото продолжение ќе бидат Кетлин Кенеди и Френк Маршал, додека на сценариото се потпишува Дејвид Кеп.
Студиото „Дизни“, кое е сопственик на правата на оваа филмска франшиза, претходно најави дека петтото продолжение нема да биде последно, но дека Форд и Спилберг нема да работат повторно на него.
Франшизата досега има заработено околу две милијарди долари. И во сите продолженија главната улога ја имаше Харисон Форд, под режисерската палка на Спилберг.