Женските имиња беа исклучени од главните режисерски дела, но не и од документарните и од кратките филмски остварувања
Еден од највпечатливите моменти од завчерашното доделување на „оскарите“ е дефинитивно изведбата на „Shallow“ на Бредли Купер и на Лејди Гага од филмот „Ѕвездата е родена“. Без никаква најава, Бредли и Гага се појавија на сцената, со многу емоции ја испеаја песната, која го доби и „оскарот“ за оригинална песна.
Годинава „оскарот“ на најдобар домаќин му припадна… никому. Првичниот план беше Кевин Харт да ги додели Американските филмски награди, но на крајот „оскарите“ останаа без домаќин, и сепак поминаа во најдобар ред.
Завчеравечер на доделувањето беа претставени извонредни индивидуални или колективни достигнувања во 24 категории во филмот.
„Боемска рапсодија“ доби најмногу „оскари“, дури четири, и тоа, за најдобра машка улога на Рами Малек, за најдобро монтирање звук, најдобро миксан звук и најдобро монтирање филм. Втор филм со најмногу „оскари“, очекувано, е „Црниот пантер“, кој ги освои наградите за најдобар оригинален резултат, продукциски дизајн и дизајн на костим. „Зелената книга“ иако не беше меѓу фаворитите додека траеја номинациите, ја освои најпрестижната награда за најдобар филм. „Зелената книга“ ја раскажува вистинската приказна за црномурниот џез-пијанист и композитор Дон Ширли, кој бил популарен во 1960-тите години. И покрај расната дискриминација во тој период успеал да ги добие симпатиите и кај белиот народ. Држел концерти во јужните држави каде што царувал расизмот. Филмот ја раскажува неговата турнеја на југ со неговиот возач и телохранител Тони Лип.
Контроверзниот „Зелената книга“ освои уште две други награди. „Оскарот“ за најдобра машка споредна улога му припадна на Дон Ширли, односно Маершала Али. Ова е втор „оскар“ за споредна улога на Маершала Али. Првиот го доби за „Мунлајт“ во 2017 година. Наградата за најдобро сценарио отиде во рацете на Ник Велелонга, Брајан Кури и Питер Фарели.
На листава со три добиени „оскари“ се приклучува и филмот „Рома“, односно Алфонско Куарон ја доби наградата за најдобар режисер, а „Рома“ ги освои и „оскарите“ за најдобар странски филм и за најдобра кинематографија.
„Оскарот“ за најдобра женска улога ѝ припадна на Оливија Колман, така што Глен Клоус од „Д вајф“ иако осми пат е номинирана за „оскар“, повторно не го освои. „Спајдермен“ ја освои наградата за најдобар анимиран филм, филм со најдобри визуелни ефекти е „Првиот човек“, најдобро адаптирано сценарио има „Блекклансмен“ и конечно Спајк Ли освои „оскар“. Во својот говор, тој се осврна на 400-годишнината од првите робови што биле донесени во Америка.
За едни ова беше ноќ за паметење, но за други вистинско разочарување.
Женските имиња беа исклучени од наградите во категориите за долгометражни филмови, но не и од документарните и од кратките филмски остварувања.
Документарниот филм „Фри соло“, кој го опфаќа епското соло-искачување на Алекс Хонолд на опасниот „Ел капитан“, го освои „оскарот“ за најдобар документарен филм. Па оттука наградата отиде во рацете на Елизабет Чаи Васарели. Таа му се заблагодари на „Нешнл џиографик“ за тоа што ангажираат жени и црномурни луѓе, тоа само помага филмовите да бидат поквалитетни.
Режисерката на краткиот филм „Бао“, Доме Ши, е првата жена во историјата на „Пиксар“ што режира краток филм во студиото, ја доби наградата за најдобар анимиран краток филм.
Традиционално ѕвездите покажаа гламур. Кога станува збор за тоа кој оставил најголем впечаток на 91-то доделување мора да се спомне и Били Портер, кој се појави на сцената во креација на дизајнерот Кристиан Сириано, која се состои од наметка во форма на фустан од кадифе. Неговиот изглед е еден од најкоментираните на црвениот килим. Леди Гага го разбуди духот на класичниот Холивуд со балска црна тоалета креација на Александар Меквин. Оливија Колман засени со темнозелена креација на „Прада“. Годинава на црвениот оскаровски килим беше обоен во розово, доминираа креациите во розови нијанси, секако и многу тул, светки, тантела, фасцинантни вечерни тоалети. Меѓу најдобро облечените се вбројуваат: Ема Стоун, Џенифер Лопез, Реџина Кинг, Џема Џен, Глен Клоус, Ели Саб, Ејми Адамс и други.