Улицата во лондонското предградие во која Фреди Меркјури живеел како тинејџер е преименувана во Фреди Меркјури. На церемонијата на именувањето присуствувала сестрата на некогашниот лидер на британската рок-група „Квин“. Нивното семејство се преселило во Фелтман, во Западен Лондон, по бегството од револуцијата во Занзибар во 1964 година, објави Ројтерс.
Локалните власти се согласија да преименуваат дел од улицата Хенворт, каде што се наоѓа и седиштето на светската зороастриска организација. Имено, Меркјури бил зорастриец и ја практикувал оваа древна религија.
Славниот рок-пејач почина во 1991 година, на 45 години, од компликации на сида. Добротворниот фонд „Меркјури Феникс“ е основан по неговата смрт и ги поддржува проектите за борба против ХИВ и сида во целиот свет.