Француската влада вчера објави дека ќе врати слика од Густав Климт на нејзините вистински сопственици, еврејско семејство во Австрија. Сликата ја ограбиле нацистите од еврејското семејство во Австрија во 1938 година.
Колоритното дело во масло на австрискиот сликар симболист Климт од 1905 година, насловено како „Грмушки од рози под дрвјата“ било изложено со децении во парискиот „Музеј д’Орсеј“.
Француската министерка за култура Розелин Башело-Наркан на прес-конференција во Париз рече дека „одлуката за враќање на големо дело од јавните колекции ја илустрира нашата посветеност на должноста за правда и отштета кон ограбените семејства“.
Сликата ќе биде вратена во семејството на Нора Штијасни, жртва на холокаустот. Башело-Наркан рече дека француските власти првично не знаеле дека сликата била украдена од нацистите, а нејзиното вистинско потекло се разјаснило неодамна по истрагата предводена од француската влада.
– Во последниве години е утврдено вистинското потекло на сликата – рече Башело-Наркан, додавајќи дека тоа е „единствената слика на Густав Климт во сопственост на Франција“.