Добро е познато дека уметниците ја црпат инспирација за своите дела насекаде околу нив, честопати во природата, од луѓето околу нив, но има и такви што се инспирирани од храната. Џеки Гордон, 63-годишна фотографка од Глазгов, Шкотска, за време на карантинот нашла инспирација во својот фрижидер, а храната ѝ послужила за изработка и фотографирање минијатурни сцени, пишува „Би-би-си“.
Истражувачка со специјализација за менталното здравје, која се опишува себеси како „ентузијастички аматерски фотограф“, вели дека првично пронашла инспирација во природата, во пејзажите и животните. Но ограниченото движење многу влијаело врз работата на оваа уметница аматер, а нејзиниот шкотски овчар Оли станал главен лик на повеќето нови фотографии. Џеки тогаш одлучила да се испроба во таканаречената макрофотографија, фотографирајќи мали предмети од многу кратко растојание.
– Многу брзо ми здодеаја фотографии од вообичаени предмети како цвеќиња. Почнав да ги фотографирам ликовите на Лего пред неколку месеци, но сакав да направам нешто со фотографиите за тие да бидат поживописни и изненадувачки – вели таа.
Џеки сега користи ситни модели на Лего што ги фотографира во комбинација со храна, правејќи претежно хумористични сцени и споделувајќи ги на социјалните мрежи.
– Мојата прва минијатурна сцена содржи нордиски шетачи како се качуваат на замрзнат грашок. Толку ми беше тешко да се справам со првите снимки. Јас и мојот партнер Пол јадевме грашок со денови. Но мислам дека целото искуство е исклучително импресивно – вели Џеки.
Смислувањето на сцените понекогаш може да биде процес на обиди и грешки. Некои сцени ги претставуваат активностите што ѝ недостигаат на Џеки поради пандемијата, како што се патувања низ светот и долги прошетки на крајбрежјето.
– Генерално, моите идеи се водени од она што можам да го најдам во фрижидерот или на задниот дел од плакарот, честопати среде ноќ затоа што имам проблеми со спиењето. Поставувам разни сцени, ги гледам, размислувам, а кога тоа нема да ми успее, пребарувам по работите за да видам што друго ќе најдам – истакнува уметницата.
Досега има направено околу 70 минијатурни сцени и се надева дека на крајот ќе ги објави во книга.