Научниците имаа можност да направат нови фотографии од Јупитер, кои би можеле да помогнат во решавањето на мистеријата за нејзините огромни бури.
Користена е специјална технологија, која им овозможи на истражувачите да ги направат некои од најдобрите фотографии на Јупитер досега направени од Земјата, и тоа со помош на инфрацрвени зраци, пренесе „Индипендент“.
На фотографиите се гледа дека ударите на громови и силните невремиња на Јупитер се создаваат над големи облаци формирани од мраз и течност.
Фотографиите исто така покажуваат дека темните дамки во познатата Голема црвена точка на планетата се всушност дупки во облаците, а не промена во бојата на самите облаци.
Ова претставува резултат на тригодишните набљудувања, кои би требало да помогнат подобро да се разбере, за нас, сè уште мистериозниот огромен сосед.
– Податоците ни овозможија да извршиме проверки длабоко во облаците на Јупитер – рече Мајкл Вонг од универзитетот „Беркли“.
Според него, научниците користеле техника што се нарекува „среќно снимање“, тие за истражувањето ги користеле само најострите фотографии направени кога атмосферата на Земјата била стабилна.