Изложбата „Форми во црно“ на Мице Јанкуловски, чиј куратор е Корнелија Конеска, ќе се отвори утревечер, во 20 часот, во музејот „Куќата на Робевци“, во Охрид. Изложбата ќе ја отвори Мелани Зеферино, Италија, автор на текстот „Формите во царството на естетската меморија“ за творештвото од „Форма 3“ на Мице Јанкуловски.
Мице Јанкуловски е исклучителен мултимедијален уметник што истражувал различни дисциплини во уметноста од неговата најрана возраст, од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво, кое опфаќа различни медиуми, го рефлектира неговиот поглед кон светот како реалност што постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина, која се протега бескрајно далеку.
Мице Јанкуловски има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во својата земја и на меѓународната сцена: Италија, Грција, Бугарија, Турција, Франција и голем број групни изложби. Добитник е на највисоки меѓународни награди за творештво. Оваа, 2019 година, Мице Јанкуловски одбележува 50 години уметничко творештво и до крајот на годината ќе има самостојни изложби во Прилеп, Куманово, Тетово, Торино, Санкт Петербург, Русија и во Грција – изложба со дела од Пикасо.
Почетоците на уметничкото создавање на Мице Јанкуловски датираат од 1969 г., додека концептуален пристап кон апстрактното сликарство развива од раните седумдесетти години. Во најновите дела, сериите наречени „Форма 3“, тој работи само со црна боја, која е нанесена на површината на платното во дебел слој, притоа користејќи посебни алатки за да направи геометриски форми, линии или различни растери на неговата површина. Неговата цел со ова е да создаде ефект што реагира на промената на насоката на светлината, овозможувајќи му на набљудувачот нови и нови искуства додека се движи пред делата. Мице Јанкуловски ја враќа аналогната релација кон уметноста со тоа што го покажува начинот на сликање што се открива од страна на гледачот со одење околу просторот каде што се изложени сликите.