Потребни биле илјадници чекори за да се создаде огромна мрежа на геометриски обрасци во снегот, што неодамна се појави на терен за голф во Финска и предизвика внимание во целиот свет, пренесуваат светските медиуми.
Прекрасниот дизајн во градот Еспо, на југот на државата, е дело на аматерскиот уметник Јане Пајко и 11 волонтери. Користејќи јажиња и чевли за снег, Пајко и неговиот тим го изработиле ова уметничко дело за два дена минатиот викенд. Уметничкото дело со ширина од 160 метри е најголемиот цртеж на снег направен во оваа земја.
– И претходно сум правел мали дизајни, но сакав да го подигнам на повисоко ниво и да направам нешто посложено од порано – изјавил советникот на Пајко за „Би-би-си“.
Инспириран од својот херој Симон Бек, британски уметник познат по цртежите на снег, Пајко објаснил дека „сакал да создаде нешто убаво“, на дебел слој снег во близина на својот дом.
Првин тој дизајнирал шема на поврзани форми на својот домашен компјутер. Цртежот се состоеше од шест големи снегулки, сите со различни форми и поврзани со ѕвезда на средина.
Кога конечно бил задоволен од дизајнот, Пајко ги „повикал“ своите соработници преку финската група за зимски чевли на „Фејсбук“. Уметникот отпечатил детални цртежи за секој волонтер, упатувајќи ги како да го нацртаат нивниот дизајн на теренот за голф Лофкул, во близина на главниот град Хелсинки. За да ги направат образците, тие користеле јаже и чевли за снег, долги 50 сантиметри и широки 30 сантиметри.
Уметничкото дело е дизајнирано да биде привремено и видливо, колку што дозволува времето. Возбуден од интересот предизвикан од неговата работа, Пајко додава дека веќе ги има на ум следните проекти.