Брендан Фрејзер за малку ќе бил обесен во текот на снимањето на „Мумија“, Ајла Фишер се давела пред публика за време на снимањето на „Големата илузија“, Силвестер Сталоне бил на интензивна нега пет дена по снимањето на „Роки 4“, а Даниел Крег останал без парче од прстот во текот на снимањето на филмот „Зрно на утеха“
За време на филмските снимања, работите некогаш тргнуваат во погрешна насока, а најдобар доказ за тоа е случајната смрт на Брендон Ли, кој за време на снимањето на филмот „Врани“ случајно беше смртно погоден од колега. Имено, во пиштолот што требало да биде наполнет со лажни куршуми, се нашол и еден вистински.
Порталот Баз Фид направи листа од 11 филмски сцени со кобни последици.
Брендан Фрејзер за малку ќе бил обесен во текот на снимањето на „Мумија“ (1999)
– Ме убија на 18 секунди. Помислив дека ќе го задржам здивот, но нешто тргна наопаку. Следно што се сеќавам е будењето – изјави Фрејзер неодамна.
Овој немил настан е потврда дека и лажното бесење на филм не е сигурно како што изгледа.
Маргарет Хамилтон се запалила во текот на снимањето на „Волшебникот од Оз“ (1939)
Актерката Маргарет Хамилтон, која ја глумела лошата вештерка, во текот на своето прво појавување во филмот, поради дефект на вратата останала изложена на активен пиротехнички апарат и завршила со изгореници од трет степен.
Роберт Патисон се повредил во текот на снимањето на филмот „Самрак“ (2008)
– За време на снимањето на сцената со борба, на крајот на првиот филм, јас си го повредив задникот, всушност го одрав и мораа да донесат физиотерапевт да ме масира – откри глумецот.
Шон Астин згазнал на стакло во текот на снимањето на „Господар на прстените: дружината на прстенот“ (2001)
Слично како и при снимањето на „Волшебникот од Оз“, на сетот на трилогијата „Господар на прстените“ имало голем број повреди. Имено, Шон Астин го раскрвавел стапалото кога влегувајќи во водата згазнал на стакло.
– Ногата му беше закована на тоа парче стакло, а бидејќи бевме оддалечени час и половина од градот, повикавме хеликоптер да го однесе Шон во болница – рече режисерот Питер Џексон.
Ајла Фишер се давела пред публика за време на снимањето на „Големата илузија“ (2013)
Идејата за давење е ужасна сама по себе, но ако на тоа додадете соба полна со луѓе што ве гледаат, се претвора во кошмар. Сето ова беше реалност за Ајла Фишер во текот на снимањето на комплицираната сцена со магичен трик.
– Иако имав магнетен синџир што брзо се отвора на лисиците, синџирот со кој ми беа врзани нозете се заплетка и не можеше да се скрши. Сите мислеа дека глумам извонредно, а екипата на сетот сфати што се случува дури по неколку минути – изјави Фишер.
Силвестер Сталоне бил на интензивна нега пет дена по снимањето на „Роки 4“ (1985)
Долф Лундгрен навистина го истепал Сталоне на филмскиот сет, бидејќи тој мислел оти тоа е добра идеја.
– Еј, имам идеја, првите 45 секунди обиди се навистина да ме нокаутираш, ама вистински – му рекол Сталоне на Долф.
– Ме удри силно неколкупати и за понатаму не знам ништо – бев на интензивна нега пет дена. Ме погоди во срцето толку силно што почна да потекува – се присети Сталоне.
Линда Хамилтон имала делумно губење на слухот во текот на снимањето на „Терминатор 2“ (1991)
Во текот на снимањето на сцената во која бега од болница, Линда Хамилтон направила грешка, ги заборавила чепчињата за уши, што имало сериозни последици.
– Ја снимавме сцената во лифтот и одеднаш вратата се затвори. Имавме сачмарки, почна пукањето и одеднаш паднав во агонија. Се струполив на колена од болка, мислев дека сум погодена. Сѐ до денес имам сериозни проблеми со слухот на едното уво – откри глумицата.
Мерил Стрип за малку ќе се удавела во текот на снимањето на „Дивата река“ (1994)
Мерил Стрип е позната по тоа што многу свои акробации ги извела самата. За време на снимањето на една опасна сцена му рекла на режисерот дека е уморна, но тој побарал да се обиде уште еднаш.
– Бродот падна во дупка и се заврте, а јас паднав во реката. Се сеќавам како тонев и на студената вода, која ме влечеше сѐ подлабоко. Првата помисла ми беше дека ако загинам, сопругот на сетот ќе дојде со меч – се потсети на немилиот настан Мерил Стрип.
Даниел Крег остана без парче од прстот во текот на снимањето на „Зрно на утеха“ (2008)
– Повредата не беше толку екстремна, но повредениот прст многу крвавеше. Снимањето беше прекинато и сите видоа дека останав без парче од прстот. Го бараа, но не можеа да го најдат – изјави Крег.
Џејмс Кавизел го погодил гром за време на снимањето на „Пасија“ (2004)
Кавизел и асистентот на режисерот стоеле пред еден голем чадор во моментот кога ги погодил гром.
– Бев триесетина метри оддалечен кога погледнав кон нив и видов како молскавицата излегува од ушите на Кавизел. И двајцата ги погоди – потврди продуцентот на филмот.
Харисон Форд и Џефри Џејкоб Ејбрамс скршиле коски за време на снимањето на „Војна на ѕвездите: будење на силата “ (2015)
По инцидентот продуцентот на филмот бил казнет.