Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 13, 15, 16 и 17 септември ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел веќе неколку години е да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 14-ти пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе за еманципација на културно неизградените средини. Таа придонесува за континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Како и секоја година, така и оваа, програмата ќе биде богата и разновидна. Ќе има ликовни колонии, театарски претстави, филмови, стендап-комедија, литература, концерти од различен жанр на музика, народна, џез, рок, опера, забавна, на плоштадите, на улиците на Старата скопска чаршијата, на Скопското кале, во „Куршумли-ан“, „Сули-ан“….
Манифестацијата почнува на 13 септември (недела), во 20 часот, со концерт на Туна во „Куршумли-ан“, по што од 21 и 22 часот ќе следуваат уште два концерти.
На 15 септември (вторник), од 16 часот, манифестацијата продолжува со настанот „Чаршиските улици“, во чии рамки концерт ќе одржат Сарана Адеми на флејта и Верица Шотаровска на пијано. Во 19 часот на плоштадот „Скендер-бег“ ќе биде одиграна театарската претстава „Не плаќам“, а од 20 часот на плоштадот „Филип Втори“ ќе се одржи концерт под наслов „Есенски звуци, бојата на звукот“. Во 22.30 часот на Скопското кале ќе бидат проектирани два краткометражни филма: „Земја“ во режија на Ибер Деари и „Балкон“ на Линдита Зеќирај.
На третиот фестивалски ден (16 септември), од 16 часот, пред Муратпашината џамија ќе се изведува чалгиска музика, а од 17 часот на Скопското кале ќе се одржи арт-колонија. На истата локација од 17.30 часот ќе настапи гудачкиот квартет „Стрип 4м“. Вечерта од 18 часот ќе настапи џез-квартетот „Вив арт“, а во 21.30 часот ќе има стендап-комедија.
Последниот ден од манифестацијата, 17 септември, е резервиран за настап на гудачкиот квартет „Вива стрингс“, театарската претстава „Другарство во време на мерки“ и претставата „Приказна за Моцарт“ на здружението „Детски свет“. Вечерта од 20 часот во „Сули-ан“ ќе настапат трите тенори: Исмет Вејсели, Мустафа Имери и Влатко Груевски. Гостин на концертот е тенорот Шинаси Рамадан, во пијано-придружба на Андреј Наунов.
– Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор, ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата – велат организаторите.