Ретки се оние што не сакаат да погледнат добар филм, седнати во својата омилена фотелја и со добро друштво околу себе. Се разбира, секој е љубител на посебен филмски жанр, но, ќе признаете, по напорен ден, сите посакуваме час и половина да се релаксираме со некој филм што ќе нѐ расположи и насмее, но и ќе нѐ поттикне на светот да гледаме од поведрата страна. Ви предлагаме десетина филмски наслови во кои ќе уживате и со задоволство ќе им ги препорачате на своите пријатели.
1. „Добра година“ (A Good Year)
Овој филм не само што ќе ве расположи туку и ќе ве исполни со позитивни емоции. Главниот лик е успешен бизнисмен во Лондон, кој наследува винарница во Прованса. Токму таа посета од корен ќе ги смени неговите животни вредности…
2. „Октомвриско небо“ (October Sky)
Лансирањето на една советска ракета ќе остави траен печат на Хомер Хикам, кој ќе одлучи да направи своја реплика…
3. „Милионер од предградието“ (Slumdog Millionaire)
Кој не сака да биде милионер? Осумнаесетгодишниот Џамал Малик, момче што пораснало во сиромашните квартови на Индија, со многу труд, упорност, но и среќа, на крајот од еден тежок период од својот живот ќе успее да го оствари својот сон…
4. „Слободни писатели“ (Freedom Writers)
Ова е приказна за тешкото секојдневие на наставничка по англиски јазик, која работи во средно училиште во Лонг Бич, Калифорнија, а нејзините ученици го учат англискиот како втор јазик.
5. „Џери Мегваер“ (Jerry Maguire)
Џери Мегваер, спортски агент, е отпуштен поради критикување на своите надредени и решава да креира своја компанија. Не ни претпоставува што го чека…
6. „Последниот одмор“ (Last Holiday)
Џорџа открива дека деновите ѝ се одброени и решава да го оствари својот сон и да замине во луксузен европски комплекс, каде што луѓето мислат дека е ексцентрична богата дама. Но, како и секогаш, животот си поигрува со сите нас, а понекогаш лошите ги претвора во добри вести…
7. „Интуитивните“ (The Intouchables)
Филип е богат парализиран човек, кој вработува асистент да му помага. Има среќа да вработи човек што ќе успее да му ја врати волјата за живот.
8. „Потрага по среќа“ (The Pursuit of Happiness)
Крис е самохран татко, кој нема среќа со парите, но не се откажува и по секоја цена одлучува да го следи патот до неговата среќа.
9. „Гран Торино“ (Gran Torino)
Одличен филм со Клинт Иствуд, кој не смеете да го пропуштите, ако не сте го гледале. Патем ќе научите многу животни лекции.
10. „Печ Адамс“ (Patch Adams)
Печ Адамс не е како другите доктори, тој открива дека лек за секоја болест е насмевката и прави сè што е во негова можност за да ги насмее и усреќи своите пациенти, кои едноставно го обожаваат.