Еднаш годишно, луѓето од различни покраини на Монголија се собираат на езерото Ховсгол за да ја прослават нивната конекција со природата.
Земјата на бесконечното сино небо, како што обично Монголија е нарекувана, е без облаци поголемиот дел од годината. Нејзините степи прекриени со трева дозволуваат на ветровите да јурат безмилосно. Од север, сибирски ветрови носат ниски температури кои во текот на зимата достигаат -40 степени целзиусови.
Лоцирано во северниот дел на Монголија, езерото Ховсгол е најголемото слатководно езеро во земјата. Се простира на територија од 2,620 километри квадратни, а најголемата длабочина му е од 244 метри. Неговата замрзната кристална површина придонесе езерото да биде наречено „Синиот бисер на Монголија“. Шест месеци во годината, мразот е толку дебел, што без проблем ги издржува луѓето, добитокот и возилата кои се движат по него.
Но, пред да почнат да патуваат по езерото, жителите се искачуваат на света карпа за да дадат почит на духот на езерото. Откако ќе се укаже почит на духот на Ховсгол, дури тогаш тие веруваат дека е безбедно да патуваат по неговиот мраз.
Многу фамилии од Монголија живеат на начин на кој живееле нивните предци, номадски живот во кој тие се потпираат на добитокот за секакви потреби, транспорт, одржување и заработка. Коњите се неизбришлив дел од идентитетот на Монголија. Тие ги чуваат своите стада на отворено и тие слободно поминуваат од едно пасиште на друго.
И покрај суровите услови со кои се соочуваат, луѓето наоѓаат начин и простор да ги прослават зимските денови. Секој март, жителите на Монголија доаѓаат на езерото Ховсгол да го прослават „Ледениот Ховсгол фестивал“.
Фестивалот во последниве години станува светски прочуен и голем број туристи доаѓаат и учествуваат на него. Во текот на двата дена, тие можат да набљудуваат или да учествуваат во традиционалните монголски забави. Првиот ден од фестивалот, тие се натпреваруваат во „таг оф вор“ – влечење на јаже и во стрелаштво. Вториот ден е одреден за трки со санки по мраз и за правење ледени скулптури.
Доаѓајќи од различни провинции, племиња, етнички групи и религии, посетителите поставуваат шатори на и околу замрзнатото езеро и ја прославуваат природата која ги обединува. И покрај тешкотиите со кои се соочуваат во текот на суровата зима, нивното расположение е ведро додека тие се гостат на богатата трпеза пред да бидат повикани од шаманот околу церемонијалниот оган.