Дигиталната валута базирана врз популарната серија „Сквид гејм“ моментно нема никаква вредност, откако нејзините креатори украле 2,1 милиони долари, измамувајќи ги инвеститорите, пренесуваат светските медиуми.
Криптовалутата наречена Сквид (SQUID) достигна вредност до 2.861 долар пред да падне до нула, според „Коин маркет кап“. Во измамата за која извести порталот „Гизмодо“, креаторите на криптовалутата ги размениле дигиталните монети за кеш, уривајќи ја вредноста на Сквид.
Сквид бил основана како криптовалута што може да се користи за нова видео-игра инспирирана од популарната корејска ТВ-серија.
„Гизмодо“ наведува дека биле забележливи бројни знаци што укажувале oти станува збор за измама, посочувајќи дека инвеститорите можеле само да ја купуваат криптовалутата, но не и да ја продаваат. Предупредувања до потенцијалните инвеститори испратиле и други познавачи на пазарот на криптовалути.
Дистописката фикција „Сквид гејм“ стана глобално најгледана серија на „Нетфликс“, која од септември ја следеле 111 милиони корисници на стриминг-платформата.