Четвртото издание на регионалната конференција за жени „Профемина“, во чиј фокус се жените и сè што е поврзано со нив, се одржува денеска во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Во програмата на конференцијата е предвидено да се дебатира за едукативни теми. Учествуваат еминентни стручњаци од областа на убавината, здравјето, медицината и познати дами од земјата и од соседството со кои ќе се водат повеќе панел-дискусии. На нив ќе се дискутира на различни теми, во кои акцентот ќе биде ставен на убавината, негата, здравјето и на сè што е од исклучителна важност за припадничките на понежниот пол.
Програмата на овогодишната „Профемина“ е збогатена и со присуството на три специјални гостинки кои несебично ќе ги споделат своите искуства. Станува збор за писателката, водителка и уредничка на емисијата „Балканска улица“ Весна Дедиќ, авторката на добро познатите романи „Рингишпил“, „Куферот од Берлин“, „Те нема никаде“ и многу други – Јелена Бачиќ Алимпиќ, како и српската пејачка Наташа Беквалац, која пред македонската публика првпат јавно ќе зборува за сè она што го има обележано нејзиниот живот, како професионалните успеси, така и приватните емотивни подеми и падови.
Прва на конференцијата зборуваше Весна Дедиќ, која истакна дека е пресреќна што нејзините романи се читани и од македонската публика.
На прашањето дали трите атрибути, сексипилност, женственост и женскост одат во пакет, Дедиќ одговори со цитат од Горан Бреговиќ кој пред неколку години изјавил дека „Сите жени се раѓаат еротични, а потоа на некои им се случува нешто во животот па ја губат таа еротичност“. Таа објасни дека се согласува со оваа негова изјава бидејќи секое мало девојче е преслатко, женствено, насмеано, ведро, а потоа настапува пубертетот и тогаш секое девојче се воозбилува и ја губи насмевката. Она што се случува во пубертетот и потоа со првиот бакнеж, првиот сексуален однос, првиот пат кога девојката ќе биде оставена, понижена, или пак нешто лошо ќе ѝ се случи, некои девојки/жени го пребродуваат и си ја враќаат себеси таа сензуалност и еротичност кои ги имаат од раѓање, но некои не успеваат.
– Ако и покрај сите лоши ситуации жената излезе како победник, тогаш на нејзината еротика и на нејзината сензуалност никој не може да им оддолее – вели Дедиќ.
Таа истакна дека на сензуалноста на секоја жена влијае атмосферата во која што живее, па подобро е да живее сама, отколку со некој со кого нема да се чувствува сакана и исполнета.
– Не сум среќна што сум сама, но сум среќна бидејќи сум слободна – се наврати Дедиќ на цитат од нејзиниот најнов роман, со кој и самата таа се согласува.
Според неа, многу е убаво да се биде нечија сакана, но многу е важно да се биде и своја. Затоа во нејзинот роман „Ничија“ најважно ѝ било да им долови на жените дека треба да размислуваат на себе во моментите кога се бескрајно заљубени и никогаш да не се откажуваат од своите соништа поради маж, бидејќи тоа е една од најголемите трагедии кои можат да си ги направат самите на себе.
Во врска со темата на конференцијата, убавината и здравјето, Дедиќ посочи на две работи кои ѝ се многу важни.
– Прво во врска со здравјето, секоја од нас уште од првата менструација мора да оди на ултразвучен преглед на штитната жлезда, градите и стомакот еднаш годишно. Исто така стресот и сето она што жената го премолчува дополнително го уништува нејзиното здравје, па секоја жена која многу страда и многу премолчува, првенствено треба да мисли на своето здравје, а не на тоа што ќе кажат соседите, свекрвата и другите. Што се однесува до убавината, основно нешто што треба да го има секоја жена е врвен стоматолог, врвен гинеколог и врвен дерматолог – кажа таа. С.Ку.