Банкнотите имаат воден жиг, холографска заштита, ефект видлив под УВ-зраци, а тоа е една од причините што колекционерите за нив плаќаат и по 3.000 долари
Банкнотите со ликот на Карл Маркс од 0 евра со својата виолетова боја ги воодушевија туристите во неговиот роден град Трир, во Германија.
– Тие се популарни насекаде низ Европа, но и во Кина, бидејќи таму марксизмот, како филозофија, и натаму е присутен во идеологијата на владејачката комунистичка партија – вели творецот на овие необични пари, францускиот претприемач Ричард Фајл.
Набргу по појавувањето, банкнотите од 0 евра станаа многу популарни меѓу туристите, кои за нив издвојуваат по 3 евра. Тоа го потврди и туристичкото биро во Трир, Германија, каде што во последно време тоа е најпродаваниот сувенир.
Идејата да се отпечати оваа банкнота е иницирана со одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на Карл Маркс, што беше одржано на 5 мај. За помалку од еден месец беа продадени 5.000 банкноти со неговиот лик, а досега се продадени над 100.000 примероци.
– Никој не очекуваше дека овие банкноти ќе станат толку популарни – изјави претставникот за туризам и маркетинг од Трир.
Ричард Фајл најпрво почнал да продава медали како сувенири и досега се продадени над 60.000 парчиња. Дизајнирани се во соработка со Париз. Тоа го поттикнало да ги креира овие нови, висококвалитетни банкноти, а почнал да работи на проектот во 2015 година.
Тој вели дека квалитетот на парите е врвен и оти тие поседуваат сѐ, исто како и оние вистинските.
– Банкнотите имаат воден жиг, холографска заштита, ефект видлив под УВ-зраци – истакна Фајл.
Токму овие детали ги привлекоа колекционерите, па сега на И-беј за овие банкноти се плаќаат и по 3.000 долари.
– Секоја банкнота е единствена, бидејќи има свој сериски број. Има луѓе што купуваат банкноти чиј број се совпаѓа со годината во која се родени – објаснува Ричард Фајл.
Тој додава дека собирањето е страст, а сѐ шо е поврзано со страста е ирационално, па затоа не е ни чудно што светот полуде по еден ваков необичен сувенир како што е банкнотата од 0 евра, со ликот на Маркс.