Како уметнички директор на „Макфест“ таа 1992 година, веднаш знаев дека песната ќе биде меѓу најдобрите, но до последниот миг не му кажував на Драган Вучиќ дека е примена, го држев во неизвесност, се сеќава Мирковски

Како е создадена култната песна „Свирете ја зајди, зајди“?

Зад секоја голема песна стои и интересна приказна, а онаа поврзана за култната „Свирете ја зајди, зајди“, која на извесен начин го одбележи творештвото на Драган Вучиќ, ни ја раскажа Љупчо Мирковски, наш познат композитор, инструменталист и диригент.
– Во 1992 година бев уметнички директор на „Макфест“ и токму кога ја правевме селекцијата кои песни ќе бидат дел од фестивалската програма, дојде кај мене Дамир Имери, кој патем ми е зет за сестра, ми ја донесе демо-снимката на „Свирете ја зајди, зајди“, ми рече дека таа мелодија е на Драган Вучиќ, да ја слушнам, па ако е добра да ја ставам на списокот за „Макфест“. Инаку Дамир тој период настапуваше заедно со Драган во групата „Кода“. Малку ми беше чудно што Драган не ми ја дал директно мене песната и токму затоа до последен момент не му кажував дали ќе се пее на фестивалот. Но искрено, уште при првото слушање почувствував дека тоа е нешто вонсериско и музиката на Драган и текстот на Владимир Нејашмиќ-Бато, кој исто така беше прекрасен и како залепен за мелодијата – открива Љупчо Мирковски.
Тој веднаш седнал и го направил аранжманот, а нешто му зборувало дека сигурно песната ќе биде меѓу најдобрите таа година.

– Ми беше предизвик да го направам аранжманот, зашто дотогаш немав работено на таков стил на песна. Веднаш закажав и снимање во студиото на Тоше Поп Симонов, ја ангажирав младата пејачка Олгица Христовска, која ми е исто така роднина, внука од прва братучетка. Таа уште при првото слушање ги почувствува емоцијата и магијата на песната. Интересно е дека јас ги пеев и придружните вокали, свирев на гитара и на синтисајзер, ја програмирав песната, едноставно сакав сѐ да биде максимално добро, да се поклопат сите коцки, како нешто да ме тераше да го направам тоа. Но на Драган сѐ уште не му кажував дали песната е примена или не, го држев во неизвесност – ни раскажа Мирковски.


Нестрплив да дознае дали ќе биде дел од „Макфест 1992“, Драган Вучиќ дошол кај Мирковски дома, наводно на кафе, сакајќи да дознае што се случува.
– Кога му ја пуштив снимката, никогаш нема да ја заборавам неговата реакција, Драган прво молчеше, а потоа ми рече: „Да ти кажев што сакам немаше да звучи толку убаво песната“. Тогаш, тој на масата случајно го здогледа списокот со избраните песни и виде дека „Свирете ја зајди,зајди“ е меѓу учесниците и не го криеше задоволството – се присети тој.

И навистина оваа неповторлива мелодија, која стана македонски евергрин, таа година постигна голем успех на „Макфест“, освојувајќи две први места и од жирито и од публиката, а следната година беше прогласена и за најслушана меѓу два фестивала.
– Следната година Драган повторно учествуваше на фестивалот со песната „Кажи грешнице“, овој пат тој беше и вокален интерпретатор и освои втора награда. Веќе не запеа на „Макфест“ животот го однесе во други музички и водителски води, но нашето блиско пријателство остана да живее, сѐ до утрото на 4 мај, кога ми се јави неговиот син Мартин и ми ја соопшти тажната вест. Бев затечен и сакав некако да му се оддолжам, а како на друг начин, ако не со музика. Одлучив да снимам нова верзија на „Свирете ја зајди, зајди“ со „Баги биг-бендот“, чиј диригент сум сега, бидејќи Биг-бендот на МРТ, за жал, веќе не постои. Се разбира и Олгица Христовска веднаш прифати да ја отпее, исто така преплавена од емоции.

Иако веќе имавме оркестарски аранжман, зашто ја свиревме со оркестарот во музичкото реално шоу „Сите мои песни“, кое одеше пред неколку години на Македонската телевизија, а син ми Бобо Мирковски го приспособи за изведба. Музичарите исто така веднаш, без збор прифатија да ја снимиме – со многу емоции ни рече Љупчо Мирковски.
За време на снимањето се случил еден куриозитет, преплавен од чувства тој по цели десет години пауза, повторно ја зел трубата во рака и засвирел на неа, поттикнат и од убедувањата на синот Бобо да го направи тоа.
– Ме наговараа и претходно да свирам, но одбивав, мислев дека веќе не сум во форма, но сево ова ме понесе, желбата да му оддадам последна почит на мојот драг пријател и колега, кој прерано нѐ напушти.

Кога снимката беше готова, сакајќи да слушнам мислење од некој друг музичар, дали сето тоа звучи добро, му ја пратив снимката на Тино Скендеровски, кој веднаш ми одговори: „Дебел, ме расплака“, а Боби Автовски прокоментира: „Три такта отсвири, ама сите нѐ погоди“ – ја сподели својата интимна приказна за раѓањето на песната „Свирете ја зајди, зајди“ маестро Љупчо Мирковски.