Човекот чие постоење, според многумина, е синоним за боемскиот начин на живот, Тома Здравковиќ, со својата музика обележи генерации. Југословенскиот пејач живеел интересен живот, поради што е повеќе од логично што овие денови со голем интерес на големото платно се следи филмот за неговиот живот, проткаен со мелодиите на неговите култни песни „Данка“, „Дотако сам дно живота“, „Kaфана је моја судбина“, „Проклета недеља“ итн.
Српскиот музичар во своите песни опеа многу жени, низ приказни за љубов и авантури, а уметничкото опкружување на Југославија во тоа време го вовлекло во неколку пороци со кои се борел цел живот.
Тома Здравковиќ почина во 1991 година, а триесет години подоцна доби филмска биографија, која ќе го доближи до сите помлади генерации, не само за неговата музика туку и за уникатниот лик и начин на живот што му бил наметнат од уметноста и протагонистите на тогашната сцена.
Драган Бјелогрлиќ, актер, продуцент и режисер, го режираше филмот „Тома“, на кој филмските критичари и пошироката јавност досега реагираа со ентузијазам.
Досега, неговата драма ја гледале дури 600.000 луѓе во кината и фестивалите, импресивна бројка со оглед на тоа дека пандемијата влијае на посетеноста на киносалите. Бидејќи филмот предизвика интерес кај широката регионална публика, а официјално не беше промовиран во многу земји, беше споделена пиратската верзија на филмот, поради што интервенира српското обвинителство.
Филмот почнува со последната година од животот на Тома, во која тој полека почнува да гради блиски односи со докторот што го лекува. Оттаму започнува сагата за животот на Тома, која започнува со неговото детство во Пежењевци, каде што израснал и завршил училиште, а потоа води низ неговиот однос со уште едно легендарно лице на југословенската музичка сцена – трагично починатата Силвана Арменулиќ, трансформацијата во култна музичка ѕвезда и големиот број пороци и падови со кои се сретнува во животот.
Главната улога ја толкува Милан Мариќ, 31-годишен актер што претходно се истакна во филмот „Довлатов“, а по неговата изведба на Тома се стекна со епитетот највозбудлив актер на актуелната сцена.
Силвана Арменулиќ, личноста пресудна во животот на Тома, ја толкува Тамара Драгичевиќ, која веќе соработуваше со режисерот Бјелогрлиќ во „Монтевидео, Бог те видео“. Остатокот од актерската екипа го сочинуваат: Милена Радуловиќ, Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ, Сања Марковиќ, Милан Колан и други одлични актери што ги отелотворуваат музичките, уметнички, боемски и тавернски улици по кои се движел Здравковиќ.