Еден од најмоќните и најпопуларни личности во светот на операта, Пласидо Доминго, се соочува со обвинение дека ги принудувал жените да имаат сексуални односи со него, заканувајќи им се со загуба на работните места, а понекогаш и казнувајќи ги оние што ги одбивале неговите настојувања, пренесе „Асошиејтед прес“.
Доминго важи за еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, освен тоа тој е угледен диригент и режисер во операта во Лос Анџелес. Повеќекратниот добитник на награди „греми“ е високоценет во оперскиот свет, а колегите го опишуваат како човек со неодолив шарм и енергија. И на 78 години, Доминго привлекува публика низ целиот свет, а има одиграно околу 150 улоги во повеќе од 4.000 претстави, повеќе од кој било друг оперски пејач во историјата. Сепак, сега на виделина излезе и неговата темна страна, онаа што долго време беше јавна тајна во светот на операта.
Неколку оперски певици и танчарки посведочија за „Асошиејтед прес“ дека шпанскиот тенор, кој е речиси 60 години во брак, сексуално ги вознемирувал, и тоа во текот на три децении, уште од доцните 1980-ти, во оперските куќи во кои тој бил на високи позиции. Една од жените кажала дека Доминго ја ставил својата рака под нејзиното здолниште, додека три рекле дека насилно ги бакнал во соблекувална, во хотелска соба и за време на еден ручек.
– Работниот ручек не е нешто необично, но ако некој за време на ручекот пробува да ја држи раката на вашето колено, тогаш тоа е чудно. На некој начин, тој секогаш пробуваше да нѐ допре или да не бакне – рекла една од оперските певици.
Повеќе пејачки, танчарки и музичарки во оркестарот сведочеле за непримерното однесување на Доминго, кој не одговори на прашањата на „Асошиејтед прес“, но издаде соопштение.
– Обвинувањата што ги изнесоа неименувани личности, а кои се однесуваат на настани од пред триесетина години, се длабоко вознемирувачки и неточни. Меѓутоа, тешко е да се слушне дека можеби некого сум вознемирил или сум предизвикал непријатност, колку и да било тоа одамна. Верував дека сите мои интеракции и врски секогаш биле добредојдени и согласни. Луѓето што ме познаваат или што работеле со мене знаат дека сум човек што намерно не би повредил, навредил или засрамил некого. Исто така, сфаќам дека правилата и стандардите според кои се однесуваме денес се многу различни од оние во минатото. Се чувствувам благословено и привилегирано што зад себе имам повеќе од 50 години кариера во операта, така што и натаму ќе се придржувам до највисоките стандарди – напиша Доминго во соопштението.