САД воведуваат нови рестрикции за „Хуавеи“
Владата на Соединетите Американски Држави воведува нови ограничувања за кинескиот гигант „Хуавеи“, со кои ќе биде ограничена можноста за користење на американската технологија при изработка на полуспроводници, објави „Асошиејтед прес“.
Американското министерство за трговија соопшти дека таквиот потег имал цел да ги спречи напорите на кинеската компанија да ги поткопа постојните санкции на САД.
Новото ограничување е одвоено од напорите на администрацијата на Трамп да забрани продажба на американска технологија на „Хуавеи“.
Пред една година, Владата на САД ја стави оваа кинеска компанија на црниот список и ја прогласи за ризик на националната безбедност. Сепак, на некои американски компании сè уште им е дозволено да соработуваат со „Хуавеи“, а таа опција ќе биде можна во наредните 90 дена, според одлуката што беше донесена.
Сепак, многу американски компании ги искористија многубројните дупки во законот, па продолжија да го снабдуваат „Хуавеи“ со чипови што не се направени во САД.