Франција развива апликација за контакт со заразени лица
Франција почна проект за развој на апликација „Стоп ковид“, која преку мобилните телефони ќе може да ги следи контактите со пренесувач на коронавирусот. Ваквите апликации за паметните телефони, кои треба да ги алармираат корисниците ако стапат во контакт со пренесувач на коронавирусот, отвораат многу прашања за влијанието на технологијата за следење контакти врз граѓанските слободи и права.
– Проектот нема да биде готов до парламентарната седница на 28-29 април – изјави францускиот министер за дигитализација Седрик О., пренесе „Ројтерс“.
Дебатата ќе се одржи на крајот на април, но официјално не е закажано гласање.
Како што наведе францускиот министер, апликацијата можеби нема да биде готова до 11 мај, кога Владата планира постепено да ги укинува мерките за ограничување воведени поради ширењето на коронавирусот.
Француската влада не достави многу технички детали за овој проект, кој ќе се заснова на апликација Блутут, која корисниците ќе ја инсталираат на своите мобилни телефони на доброволна основа.